Напредува изградбата на новата детска градинка во Драчевик

Напредуваат градежните работи за изградба на новата детска градинка во населбата Драчевик во Кочани.

Изведувачот на работите, градежната фирма „ВИА инженеринг“ од Вевчани во моментот работи на изградба на внатрешните преградни ѕидови, а деновиве се очекува  поставување на надворешните прозорци и врати на објектот.

– Градежните работи се во напредна фаза и објектот веќе е изграден до карабина.  Во моментот се работи во внатрешноста на објектот како и  на изборот на бојата на фасадните материјали. Кочани ќе добие модерна и современа градинка која ќе биде во функција и за потребите на најмладите во општината, рече градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.

Според изведувачот на работите,  изградбата на градинката се очекува да заврши пред предвидениот рок, кој согласно договорот изнесува 300 работни денови.

Градинката е проектирана на две нивоа, со вкупно шест занимални, дистрибутивна кујна, две заеднички, таканаречени дневни соби поврзани со тобоган. Таа ќе биде од отворен тип со можност за поширока комуникација меѓу децата и за поттикнување на нивната креативност. Во игралиштето ќе има рингишпил, јажиња, ѕидови за качување и тактилна патека.

Објектот ќе има најсовремена фотокаталитичка фасада која ќе дава ефект на 40 дрвца и ќе го прочистува воздухот во околината од смог и загадување.

И. Матеничарски

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial