Во организација на ЈУ Библиотека „Искра“ – Кочани денеска се одржа традиционалниот 21. Општински натпревар „Млади библиотекари“. На натпреварот учествуваа ученици од основните училишта во општината кои се натпреваруваа на тест прашања во областа на библиотекарството.
-Целта на одржувањето на натпреварот е месецот на книгата што се одбележува од 15 октомври до 15 ноември секоја година. Со одржувањето натпреварот „Млади библиотекари“ на некој начин сакаме да ја популаризираме книгата, библиотеката и библиотечното работење, истакна Мара Анастасова, виш библиотекар во „Искра“.
Признанието Најдобар библиотекар му припадна на Матеј Георгиев, ученик во деветто одделение во ОУ „Малина Попиванова“, Ивана Петрова од ООУ „Никола Карев“ е второнаградена, додека третата награда и припадна на Славица Стојанова од ООУ „Раде Кратовче“.
Победникот на натпреварот ќе учествува на републичкиот натпревар во библиотекарство што ќе се одржи на 12 ноември, во Охрид, во организација на библиотеката „Григор Прличев“.
Учесниците на општинскиот натпревар од организаторот добија благодарници за учеството и подарок книга, додека наградените ученици добија дипломи за освоено место и сет книги.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов