Националниот ромски центар и компанијата „Делтекс“ во заедничка кампања за вклучување на Ромите на пазарот на трудот

Здружението Национален ромски центар – Куманово во соработка со компанијата „Делтекс“ – Кочани започнаа со имплементација на кампањи за подобрување на имиџот во текстилниот сектор како и вработување и  задржување на работните места од страна на Ромите.

Целта на кампањите е мотовирање на невработените лица, особено од ромската популација, активно да се вклучат во пазарот на трудот со што ќе си  обезбедат сигурна егзистенција, работа и професионално определување.

– Двете кампањи се имплементираат во рамки на проектот „Организациски развој на НРЦ“ и подобрени способности за вработување и претприемништво на Ромите, со посебен фокус на жени и млади. Кампањата под слоганот „Скрои го сопствениот успех“ која НРЦ ја имплементира во соработка со „Делтекс“ има за цел да ги мотивира невработените лица, а особено ромите своето вработување да го побараат токму во текстилниот сектор и на тој начин да добијат можност за сигурна работа, сигурна плата и да го подобрат животот на своето семејство, односно на локалната заедница во Кочани. Во рамки на кампањата „Сигурна работа за сигурен живот“ целта е да се мотивираат ромите да ги задржат своите работни места и со тоа да обезбедат редовна плата, здравствено и пензиско осигурување, сигурен и достоинствен живот, истакна Катерина Бојковска од Здружението Национален ромски центар – Куманово

Од Националниот ромски центар – Куманово истакнаа дека очекуваат локалната заедница во Кочани да даде свој придонес во реализација на кампањата. Преку неа тие сакаат да испратат порака дека невработеноста носи ризик за вклучување во сивата економија. Доколку пак побараат вработување имаат можност за сигурна работа и плата како и стабилен и достоинствен живот.

Во компанијата „Делтекс“ која е дел од кампањата на Националниот ромски центар работат околу четириесет лица, од кои пет се од ромската заедница.

– Неодамна ја започнавме кампањата за мотивирање на ромите, посебно на жените ромки за вработување во текстилната индустрија. Компанијата „Делтекс“ има четириесет вработени од кои пет се Роми. Наша цел е да го едуцираме населението дека сите треба да работата, посебно жените бидејки со тоа добиваат професионална определба, социјализација со другите, сигурна работа, приходи и сигурна пензија, соопшти Љупка Ѓорѓиева Ангелова, претставник на „Делтекс“.

Вработените во „Делтекс“  се задоволни од условите за работа при што ја истакнаа поддршката на проектот и активностите кои нудат можност за едуакација за важноста и значењето на обезбедување сигурна работа и плата, особено за ромската заедница.

– Две години работам во „Делтекс“, задоволна сум од работата и условите. Овде работи целата моја фамилија. Секој кој сака да работи може да дојде во „Дел-Текст“, овде обезбедив сигурна работа, здравствено и пензиско осигурување и редовна плата, се надевам до пензија, истакна Шемзаде Азизова, вработена во „Делтекс“.

Реализацијата на кампањите  „Скрои го сопствениот успех“ и „Сигурна работа за сигурен живот“ се поддржани од страна на Шведската организација за развој и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој.

И. Матеничарски

Сподели: