Националното здружение „Храбро срце“ продолжува со активности за поддршка на пациенти со механичка потпора на срцето

Националното здружение „Храбро срце“  формирано од пациентите со механичка потпора на срцето и нивните поддржувачи ја известува јавноста за реализираните активности во претходниот период како и за плановите на здружението предвидени во Програмата за 2021 година.

„Како Национално здружение, кое континуирано се движи кон целта, до сега имаме реализирано бројни гостувања на наши членови, во телевизиите од национален, како и од локален карактер. Целта на овие гостувања беше промовирање на нашата кампања, информирање на пошироката јавност за тоа до каде сме со реализацијата на барањата кои се доставени до ФЗО за бесплатни контролни прегледи на пациентите, до каде е процесот за едукација на трансплантацискиот тим за експлантирање на вградените помагала итн.

Преку дистрибуција на пишани материјали (флаери,брошури), поставени на јавни места на градовите во нашата држава, имавме цел да го запознаеме секој граѓанин со нашата рабата и да го поттикнеме да почне да размислува за можноста за дарување органи.

Индикатор за успешноста на нашата кампања е и големиот интерес од страна на граѓаните, кој беше истакнат преку бројните прашања упатувани кон нас, преку е- маил. Најмногу прашања беа поставувни за тоа на кој начин можат да се донираат органи за време на животот.

Главна активност која е предвидена во Програмата за 2021 година е тоа што имаме ставено посебен акцент на едукација на трансплантацискиот тим за експлантирање (отстранување) на веќепоставениот дивајс (пумпа) бидејќи тој оперативен зафат во просек трае од 5 до 6 часа, а потоа следува трансплантација на срце. Важно е да споменеме дека што подолго се носи пумпата, таа повеќе сраснува со ткивата и е потешко да се отстрани. Тоа е специфична процедура која досега во нашата држава ниту еднаш не е извршена. Оттука сметаме дека е многу важен одговорот од надлежните за ова прашање бидејќи тоа неколкупати беше спомнато од страна на надлежните дека е предвидено да се изврши обука на докторите.

Сакаме да соопштиме дека, откога ќе се намали или смири пандемијата Ковид 19, а во зависност и од моменталната здравствена состојба во нашата држава, ќе започне втората фаза од кампањата. Истата ќе почне на 22.02.2021 год. а ќе заврши на 22.05.2021 год.

Потоа следува интензивна комуникација со ФЗО за барањата кои се доставени, дел од нив се прифатени од страна на Фондот за што сме бескрајно благодарни, но сè уште не е почнато да се спроведува.

Понатаму, очекуваме повик од нашите болнички координатори за термин кој треба да го даде Министерството за здравство за испитување на антитела на сите пациенти кои се на листата за трансплантација. Да нагласиме дека прв пат се направија тие HLA испитувања на 28.5.2020 година, но тие испитувања се прават на секои четири месеци, а не еднаш во годината. Тие се важни за компатибилноста на потенцијалниот орган со потенцијалниот примател, но покрај тие испитувања важни се и многу други параметри на компатибилност (крвна група, приближна возраст, приближна тежина и висина и сл.) со цел што е можно донорското срце повеќе да одговара на потенцијалниот примател. 

Покрај погореспоменатотот, сакаме да ги соопштиме и следните предвидени активности:

  1. Ќе се продолжи со емитување на видео спотови во кои со свои изјави за поддршка на нашата кампања учествуваат голем број истакнати и афирмирани здравствени работници, уметници, глумци, пејачи, спортисти, музичари, како и разни поддржувачи на нашето Здружение од земјата и од странство.
  2. Ќе се организираат средби со граѓани и со здравствените работници по градовите од нашата земја на кои би се дискутирала потребата од органодарителството и би се делеле пишани материјали (флаери,брошури).
  3. Ќе иницираме до Министерот за здравство формирање на Центар за психолошка поддршка на пациентите потенцијални приматели на орган, потенцијалните живи дарители на орган, семејствата на потенцијалните кадаверични дарители на орган, како и за трансплантираните пациенти, кој Центар би функционирал во рамките на Министерството за здравство. 
  4. Почитувајќи го интересот на нашите сограѓани за можноста да ги донираат своите органи за време на животот, а знаејќи дека во овој момент Законот за трансплантација на органи и ткива не ја овозможува реализацијата на оваа желба, во соработка со Националните институции ќе го иницираме почетокот за измени и дополненија на Законот за трансплантација на органи, како би можеле овие желби да се претворат во реалност.
  5. Согласно почетокот на иницијативата за измени и дополненија на Законот за трансплантација на органи, ќе бараме и воведување на донорски картички во нашата држава, по пример на околните држави.
  6. Ќе ги интензивираме нашите комуникации со Министерството за Здравство, ФЗОМ, МТСП, ПИОМ, јавните и приватните болници, за да се овозможи подобар и подостоинствен живот на сите пациенти со механичка потпора на работата на срцето како и на сите пациенти кои се наогаат на Националната листа за трансплантација на срце. – велат од Здружението“.

Национално здружение „Храбро срце“

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial