Во Кочани денеска се одржа третиот протестен марш насловен како „Задоцнета реакција“.

„Нашите деца беа убиени од алчноста – правдата мора да излезе на виделина“ порачаа организаторите на протестот, семејствата на настраданите во пожарот во „Пулс“.

Маршот започна во Паркот на револуцијата и продолжи преку главните улици, минувајќи покрај Општината, Министерството за внатрешни работи, полицијата и Основниот суд.

– Не прашува ли некој нас како ги минуваме деновите, какво е чувството да знаеш дека детето никогаш повеќе нема да се врати дома, да ги видиш неговите убави очи, неговата убава насмевка, да гот слушнеш како се смее, да дочекаш уште еден Велигден со него. Живееме за да одиме на гробишта, да си помуабетиме со нашите деца, да им раскажеме колку тие недостигаат дома. Ќе продолжиме да излегуваме и да ги потсетуваме челниците на оваа скапана држава дека сме тука и до наш последен здив ќеја бараме правдата за сите починати и повредените на 16. март, бидејќи ги закопавме нашите деца поради нечии грешки, поради тоа што некој бил корумпиран, поради тоа што ја
злоупотребил својата функција за пари, за корист за личен бенефит. Нашите деца ги нема, но правдата мора да излезе на виделина, порача Јулија Златкова, чиј син настрада во пожарот.
Пред општинската зграда порачаа дека будно ќе ја следат работата на надлежните инспектори, додека в.д градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски им даде поддршка во нивната борба за правда.

Пред кочанската полиција гласно прашаа за тоа зошто полициските службеници кои последни беа вклучени во истрагата на Обвинителството се пуштени дома.
– Предвреме ја најавија рацијата, а полицајците цел час чекаа надвор за да ги сокријат малолетниците и да си ја распродадат дрогата. Не сакаа да помогнат во спасувањето на нашите деца, туку стоеја отстрана и гледаа, рекоа присутните родителии на маршот.
Револтот го искажаа и пред кочанскиот суд и јавното обвинителство.
-Немате одговор до кога ќеја
одолговлекувате истрагата, а ги пуштивте убијците на нашите деца да го прослават Велигден со нивните семејства. Знаете ли дека ние за празникот, на доручек, ручек и вечера сме на гробишта со нашите ангели. Во модуларната болница во Тетово виновен беше кабелот, а во овој случај изгледа виновни ќе бидат нашите деца, истакнаа родителите на загинатите.
Протестниот марш продолжува и наредните саботи, најавија родителите.