Најавени повеќедневни протести пред „Пејпар Мил“

Група граѓани од Кочани од вторник 15 февруари најавија повеќедневен граѓански протест пред фабриката за хартија „Пејпар Мил“ во Кочани. Причина за протестот е чадењето на фабричкиот оџак и загадувањето на воздухот во градот што веќе подолг период, како што велат граѓаните, го предизвикува фабриката за хартија.

Според иницијаторите на протестот, планирано е секој ден, од вторник до петок, во периодот од 16 до 18 ч. да се протестира пред влезот на фабриката.

Во известувањето до медиумите стои:

„Договорено е од 15 февруари, вторник до петок, во периодот од 16 ч. до 18 ч.  да протестираме пред влезот на фабриката во Кочани. Протестот уредно ќе биде пријавен до надлежните и ги повикуваме сите граѓани да излезат и да дадат своја поддршка. Конечно треба да се стави крај на загадувањето од фабриката. Ги повикуваме сите институции и надлежни по кој знае кој пат да си ја вршат работата за што се платени и да ги заштитат граѓаните на Кочани од несовесното работење на „Пејпар Мил“, соопштија од организациониот одбор на протестот.

Ова не е прв протест пред „Пејпар Мил“. Граѓаните на Кочани досега неколкупати протестираа пред фарбиката, но очигледно тоа не ги спречи одговорните во „Пејпар Мил“ и институциите да изнајдат решение за проблемот со неконтролираното чадење на фабриката за хартија.

Државниот инспекторат за животна средина досега изврши неколку редовни и вонредни контроли во фабриката кои очигледно не вродија со плод. Поради тоа, граѓаните повторно преку протест ќе побараат изнаоѓање на решение за неколкугодишниот проблем со загадувањето на воздухот во Кочани.

Сподели: