Најголем дел од матурантите во Кочани следат настава, ја бојкотираат мал број на ученици

Матурантите средношколци од двете средни училишта во општината, СОУ „Љупчо Сантов“ и СОУ „Гошо Викентиев“ генерално не ја бојкотираат онлајн наставата како што е случај во поголем дел од средните училишта низ Македонија. 

Мал е бројот на матуранти од кочанските средни училишта кои од кога почна второто полугодие не следат онлајн настава.

Игор Христов, директор на кочанската гимназија „Љупчо Сантов“ информираше дека  мал дел на ученици ја бојкотираат оналјн наставата додека останатите редовно ја следат. Запазени се сите рокови за пријавување на матурски испит и најголем дел од средношколците веќе имаат поденесено пријава. Христов додаде дека образовните институции ниту донесуваат ниту менуваат закони, туку само ги почитуваат и спроведуваат. Класните раководители се во постојан контакт со учениците и родителите запознавајки ги со правата и обврските околу наставата.

Од СОУ „Гошо Викенитиев“ информираат дека онлајн наставата се одвива непречено и досега не е забележан бојкот од учениците. Како што истакна Тони Велков, помошен директор во кочанското техничко училиште, педагошките служби на дневна основа испраќаат извештаи за одвивањето на наставата и засега се тече според планираното.

Во неколку градови низ државата веќе една недела матурантите ја бојкотираат наставата  давајки поддршка на Средношколкиот сојуз кој бара државната матура да се полага по два предмета, мајчин јазик и предмет од областа на која матурантот планира да студира.

Кочанските средношколци засега немаат заеднички став за бојкот на наставата, но информираат дека се во постојана координација со Средношколкиот сојуз и се планира помасовно приклучување кон бојкотот.

Од Министерството за образование и наука пак на барањата на матурантите одговорија дека нов концепт за полагање државна матура е можен од наредната учебна година, а оваа генерација на матуранти ќе полагаат според актуелниот концепт, односно испити по четири предмети, три  екстерни и еден интерен предмет кој се полага во училиштето заедно со проектна задача.

Од Министерството за образование и наука велат дека повеќе од 14 илјади матуранти веќе ги пријавиле испитите, а од Државниот испитен центар веќе ги објавиле термините за полагање на истите.

Сојузот на средношколци информира дека бојкотот ќе трае една недела, а подоцна ќе одлучат за следните чекори.

Сподели: