„Најдоброто за нашата општина“ – трибина на СДСМ во Кочани

Под мотото „Најдоброто за нашата општина“, синоќа на Споменикот на слободата во Кочани, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) одржа трибина на која говорници беа Мила Царовска, потпретседателка на СДСМ и министерка за образование и наука, Марија Ангелова, пратеничка на СДСМ од Кочани, Никица Бачовски, член на Извршниот одбор на СДСМ и градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.

„Како партија и на централно и на локално ниво, секој ден се бориме да создадеме подобри услови за живот дома и само така може да успееме“, порача од Кочани, потпретседателката на СДСМ, Мила Царовска.

„Ако до пред четири години зборувавме за долгови во образование, денеска зборуваме за инвестиции во образование. Само овде во Кочани за четири години општината инвестирани се 90 милиони денари во образованието. Тоа се инвестиции во инфраструктура, инвестиции во образованието, затоа што ако не инвестирате во образование, вие сте заборавиле да инвестирате во иднината на државата“ порача потпретседателката на СДСМ, Царовска додавајќи дека младите не можат да се задржат дома само со флоскули, туку за тоа се потребни реални цели и проекти.

Царовска посочи дека сите реформи што СДСМ ги прави во образованието и другите сфери се со цел младите да останат во државата и тука да градат иднина. 

Пратеничката на СДСМ Марија Ангелова на граѓанската трибина во Кочани нагласи дека СДСМ докажа дека е партија којашто делува слушајќи го гласот на граѓаните, заедно со граѓаните креира мерки и политики што гарантираат развој и напредок.

„Така и ќе продолжиме, вашиот глас ќе биде слушнат и уважен, во претстојниот период, во програмата за локалните избори, ќе влезе она што е најдобро за граѓаните, доаѓаат уште подобри денови за нашата општина“, порача Ангелова.

Таа се осврна на минатата година, полна со тешки предизвици за Владата и за секој граѓанин, додавајќи дека и во услови на пандемија донесовме 6 пакета мерки за поддршка на стопанството и граѓаните, со кои се сочуваа над 100 000 работни места, по разни дополнителни основи, помогнавме над 400 000 граѓани и над 35 000 компании.

Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, на трибината на СДСМ  се осврна на реазлизираните проекти во изминатите 3,5 години, нагласувајќи дека и во време на пандемија во општината, не запре ниту еден капитален проект.

„Направивме многу, реализиравме огромен број проекти и во градот и во селата, го подобривме квалитетот на живот во сите населени места во општина Кочани, го развиваме туризмот“, рече Илијев, додавајќи дека покрај инвестициите поттик за туризмот дава прогласувањето на Осогово за заштитено подрачје од 5-та категорија и најавената изградба на ски-центарот Царев врв, кој ќе биде меѓу петте најдобри на Балканот.

„Прв пат откако се изградени, пред 50 години, реконструирани се ски-лифтовите на Пониква“, нагласи Илијев, додавајќи дека наскоро ќе заврши изградбата на планинарски дом и на велосипедски патеки во должина од 35 километри.

Тој наведе дека се изградени и реконструирани повеќе од 60 улици во градот и населените места, издвојувајќи ги локалниот пат од Кочани до Мојанци, со тротоари,  осветлување на селата Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци, а по 40 години, целосно е реконструиран патот Пониква – Кочани.

Сподели: