Неделава беше срушена една од најстарите градби на улицата „Стево Теодосиевски“, поранешна „Ленинова“, на чие место е планирано да се гради втората коловозна лента на булеварот.
Дел од сопствениците на објектот се незадоволни од правната процедурата бидејки се сомневаат дека во постапката им е намалена квадратурата на објектот, а ненавремено им било доставено и правосилното решение за екпропријација.
-Од декември 2020 па до денес, сопственикот е повикуван преку една недела на суд каде не се прифаќаат ниту еден од доказите дека куќата е поголема од тоа што го пишуват во нивните решенија и повторно се соочува со префрлање на одговорност. Наместо тоа, општината на секое рочиште намалува и од таа смешна вредност која беше понудена. Од општината се прават наглуви и наслепи и при процената на куќата речиси пола квадратура не е рачуната. А знаеја по три пати да го враќаат последниот судски проценител за инает на доминантниот сопственик да ја намалува вредноста на куќата, рече пред камерата на интернет-порталот „Гласно“, Марија Хаџи-Паунова Данилова, сопруга на сопственикот на објектот.
Реагираат дека не биле известени навремено за решението за екпропријација кое веќе станало правосилно, со што им бил скратена можноста да го обжалат.
„Сопственикот, кој за тоа време чекаше одговор на жалба, не е ни известен за решение за експропријација кое станало правосилно и му е ускратена можноста да го обжали. Ова го дознаваме откако од општината е повикан на состанок кој се одржа на улицата пред куќата на кој го препраќале да си провери во катастар. Таму дознаваме дека решението за експропријација е правосилно веќе неколку месеци. Повредени се сите правни процедури, а сите институции си ја префрлаат одговорноста“ додаде Хаџи-Паунова Данилова.
Од Локалната самоуправа на Општина Кочани за интернет-порталот „Гласно“ информираа дека се запазени сите законски процедури.
„Објектот претставуваше опасност за минувачите и со согласност на сопствениците е срушен. Објектот е во сопственост на три лица, од кои двајца од сопствениците се согласија на експропријација и веќе се исплатени. Со третиот сопственик се води судски спор и по завршување на спорот истот ќе биде исплатен. Проценката за висината на вредноста на објектот е извршена од страна на независен проценител и согласно тоа Општина Кочани ги исплаќа средствата. Големината на објектот се утврдува согласно извод од катастарски план“, информираа од Општина Кочани.
Локалната самоуправа веќе ја заврши законската постапка за избор на изведувач на градежните работи за реализација на новата коловозна лента на „Стево Теодосиевски“. Се очекува до крајот на овој месец изведувачот да биде воведен во работите од потпишаниот договор.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов