На завршен настан презентиран предлог документ за зајакнување на статусот на руралните жени

На завршен настан на кој беше презентиран предлог документ  со препораки  за подобрување на статусот на руралните жени, во Кочани заврши тримесечната иницијатива – „Чекор кон најдоброто“.

Преку неа реализирани се три работилници, онлајн анкети и фокус  група со жени и девојки кои живеат во рурални средини со цел да се детектираат проблемите со кои се соочуват руралните жени  за да може да се изготви документ кој би се имплементирал во локалните стратегии и одлуки.

-Иницијативата „Чекор кон најдоброто“ денес го бележи својот крај. Имено иницијативата три месеци се реализираше во општина Кочани каде беа спроведени онлајн анкети и фокус група со жени и девојки кои живеат во руралните делови на општина Кочани. Резултатите кои ги добивме, нивните барања и очекувања од општината, Советот на општината и политичките партии ги срочивме во еден предлог документ. Овој предлог документ планираме да им го врачиме на сите политички чинители во општествто, на градоначалникот и претставниците на Советот за да може да биде дел од идните годишни програми на општината, но исто така и на политичките партии. Економската зависнот на жените и состојбата во која се наоѓаат, недоволната информираност и недостатокот на можност со кои тие можат активно да се вклучат во општеството е она кое ние планираме да го смениме со овој јавен документ. Се надеваме дека токму оваа иницијатива е прва од низата кои ќе се спроведат во општина Кочани и ќе доведат до целосна промена на состојбата, не само на руралните жени туку воопшто на сите жени, истакна Наташа Димоска, модератор на настанот.

Иницијативата е прва од ваков вид во Македонија и се реализира во општина Кочани. Имплементатор на истата е Ивана Максимова, претседателка на Форумот на жени на ОО СДСМ Кочани.

Иницијативата „Зајакнување на капацитетите на младите рурални девојки и жени со ограничени економски можности за учество во политики на општина Кочани“ се реализира во рамки на „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) и нејзиниот партнер Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) под слоганот:„Чекор кон најдоброто“.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: