На литературна средба со најмалите читатели, одбележана Неделата на детето

По повод Неделата на детето која се одбележува од 04 – 10 октомври 2021,  ЈОУ Библиотека „Искра“ во соработка со ДГ „Павлина Велјанова“ во Клонот  1 на детската градинка одржаа литературна средба на децата од големата група со писателката за деца Билјана С. Црвенковска.

На средбата, пред дечињата беше промовирано делото на Црвенковска, „Приказни за добра ноќ на мама Ана“, со цел да се поттикне љубовта кон книгата и читањето уште од најмала возраст, но и да се актуелизираат правата на децата.

–  Со цел да се афирмираат детските права, правото на образование, правото на слободна игра, правото на вклучување на најмладите во креирање на културниот живот на заедницата, а секако и со цел да се поттикне љубовта кон книгите и читањето креираме активност на која што ќе се промовира награденото дело „Приказни  за добра ноќ на мама Ана“, на авторката Билјана Црвенковска. Авторката е добитник на наградата „Ванчо Николески“, на Друштвото на писателите на Македонија за 2020 година. Ни претставува чест и задоволство затоа што ќе имаме можност денеска авторката да разговара со децата, да ги афирмираме детските права воедени од мислата дека детството всушност претставува основата за човечкиот развој, односно таткото на човечкиот развој, истакна Магдалена Кочовска – Салтирова, виш библиотекар во „Искра“.

На литературната средба, преку примери и игра, авторката на книгата на најмладите читатели им го претстави делото и важноста на книгата во развојот на секое дете.

Неделата на детето традиционално се одбележува во периодот од 04-до 10 октомври, со цел промоција и афирмација на детските права на светско ниво.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: