На мини свеченост одбележан патрониот празник на СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани

На мини свеченост во дворот на кочанската гимназија, вработени, ученици и останати гости оддадоа почит на херојот Љупчо Сантов, по повод  77 – годишнината од неговото загинување.

Годинава патрониот празник училиштето го одбележа на скромен и достоинствен  начин, положувајки свежо цвеќе на спомен бистата на Љупчо Сантов  во дворот на училиштето, како и со рецитали и музичка точка на ученици од кочанската гимназија.

-Денес 23 март 2021 година се навршуваат 77 години од загинувањето на нашиот патрон, херојот Љупчо Сантов. Патрониот празник се одбележува во специфични услови поради пандемијата со Ковид – 19, со надеж дека следното чествување ќе биде онака како што доликува и како што заслужува херојот Љупчо Сантов. Меѓу двете празнувања, реализиравме многу проекти со кои се подобрија условите за работа во училиштето, а наши ученици и покрај пандемијата учествуваа на онлајн  натпревари и проекти – изјави Игор Христов, директор на СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Во рамки на одбележувањето беа доделени благодарници и плакети  на компаниите „Амфенол Технолоџи Македонија“ и „Антура МК“ за несебичната поддршка која континуирано  ја даваат  на училиштето.

Дипломи за најдобри поетски творби на тема „Еден народ не исчезнува додека мисли, чуствува и зборува на својот јазик“ беа доделени на Јована Петрова и Сандра Ѓорѓиева, ученички во СОУ „Љупчо Сантов“.

Настанот го одбележа и гестот на професорот по хемија Драги Јакимов, кој по повод своето пензионирање подари уметничко дело кое сам го изработил и преку кое, како што рече, сака да остави свој белег на идните генерации средношколци кои ќе учат во „Љупчо Сантов“.

Свое обраќање од името на матурантите имаше и Милена Глигорова, додека уметничкиот дел на настанот беше доверен на дел од оркестарот на СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.

Настанот го водеа Љупка Јорданова и Голубина Ѓорѓиевска.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: