На температури над 30 – тиот целзиусов степен и во сред летна сезона, во централното градско подрачје на Кочани работат само две јавни фонтани со вода за пиење, од вкупно шест кои се поставени на најразлични локации во центарот на Кочани.
Едната од двете кои се во функција е во Трговскиот центар во близина на фонтаната „Оризово зрно“ и една во реконструираниот Градски парк, додека останатите се суви, нефункционални и од нив не тече вода.
Такви се малата фонтана на плочникот во Трговскиот центар Блок А, мозаик фонтаната на светителите Петар и Павле во Градскиот парк, фонтаната во Стариот парк и една одамна подзаборавена јавна чешма, на Големиот паркинг во Трговскиот центар.
Често пати комуналната опрема и јавните фонтани се мета на вандалско однесување на поединцни, но барем во летниот период истите треба да бидат одржувани и во функција на граѓаните.
Јавните чешми и фонтани за пиење се под надлежност на КЈП „Водовод“ – Кочани до каде и се упатува реакцијата на граѓаните час поскоро истите да бидат ставени во функција.
И. Матеничарски