Над 800 планинари, рекреативци и вљубеници во природата зедоа учество на планинарскиот марш што во организација на Планинарски спортскиот клуб „Осогово“ – Кочани со поддршка на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија се реализираше до врвот Панаѓур (1669 м.н.в) на Пониква на Осоговските Планини.
Планинарската акција се реализираше по повод одбележувањето на 11-ти декември, Меѓународниот ден на планината. Планинарите го започнаа искачувањето на врвот од паркингот на СРЦ „Пониква“. Маршуата на движењето беше претежно низ шумска обележана планинарска патека се до врвот Панаѓур. Патеката до врвот Панаѓур е од лесна категорија и планинарите во двата правци во зимски услови ја поминаа за четири часа со попатни паузи и задржување на врвот, кружна патека во должина од 9 км.
На враќање, по завршување на планинарскиот марш беше организирана заедничка планинарска дружба во кујната на манастирот „Св.Василиј“ каде домаќините, ПСК „Осогово“ обезбедија ручек и топли напитоци за учениците на маршот.
Приликата беше искористена да се доделат признанија и благодарници на истакнати планинари од Македонија. По тој повод Федерацијата на планинарски спортови на Македонија додели две признанија за животно дело „Даре Џамбаз“. Доделени беа признанија и на учесници на високогорски искачувања како и на сите планинарски клубови учесници на маршот.
На маршот освен планинарски клубови од Македонија учествуваа и клубови од Р. Србија и останатите соседни држави.
И. Матеничарски