На Пониква отворена сезоната во ридско-брзински автомобилизам на Македонија

На патеката кон Пониква денеска се одржа ридско-брзинската трка „Пониква 2021“ во рамки на Државниот шампионат во автомобилизам на Македонија и ФИА Централна Европска зона.

На патеката долга 5,91 км. настапија 25 автомобилисти од девет авто-клубови од Македонија и странство ( Р.Косово и Р. Полска), поделени во пет натпреварувачки класи.

Во рамки на натпреварувањето  се возеа две трки кои се бодуваа за Државното првенство на Македонија во автомобилизам на ридски патеки и за ФИА Централна Европска зона.

Во групниот пласман најдобар беше полјакот Грегорз Дуда, кој имаше најдобро време и во првата трка патеката ја помина за 3:24:94 стотинки.

Во категоријата, Е1 до 1200 кубни сантиметри, Христаки Давитковски од авто-клубот „Фичо 600“ кој воедно беше и единствен натпреварувач во својата категорија ја помина патеката за 4:44:78 стотинки.

Во категоријата Е1 до 1400 кубни сантиметри, најдобар пласман имаше кочанецот Донче Иванов од авто-клубот „Фичо 600“,  кој патеката ја помина за 4:07:61 стотинка.

Во категоријата Е1 до 1600 кубни сантиметри, Слободан Трајковси од авто-клубот „АКК Перформанс“ имаше најдобро време и патеката ја помина за 3:35:89 стотинки.

Во категоријата Е1 до 2000 кубни сантиметри, неприкосновен кон своите противници беше добро познатиот Димитриј Кимовски од авто-клубот „АКК Перформанс“ , кој со своето возило „Хонда“  ја помина патеката за 3:34:37 стотинки, додека второпласиран е кочанецот Дејан Манасиев кој заостануваше со 11 секудни позади Кимовски и патеката ја извози за време од 3:45:57 стотинки.

Во категоријата Е1 + 2000 кубни сантиметри најдобар пласаман имаше Грегорз Дуда, со време од 3:24:94 стотинки.

Подготвеноста на патеката беше на високо ниво, а се возеше од Градската депонија до месноста „Пашаџиково“.

Топлото време не беше пречка љубителите на автомобилизмот од Кочани и државата во голем број да го проследат годинашново издание на традиционалниот автомобилистички настан.

Трката беше  во организација на АКК„Перформанс“-Скопје, со поддршка на Автомобилистичката федерација на Македонија.

Според календарот на АФМ, на патеката кон  Пониква годинава ќе се вози уште една ридско-брзинска трка, во месец септември.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

За фотогалерија кликнете ОВДЕ.

Сподели: