На ски-патеката 3 на Спортско-рекреативниот центар „Пониква“ денеска се одржа „Осоговски велеслалом 2021“.
Во организација на Општина Кочани и Скијачката федерација на Македонија, на Пониква се натпреваруваа осумдесетина натпреварувачи поделени во пет категории, во машка и во женска конкуренција – цицибани, деца, млади, сениори и ветерани.
Топлото време ѝ се противеше на снежната покривка но организаторите ја подготвија со што ги задоволуваше критериумите за нормална реализација на скијачкиот настан.
Во категоријата цицибани во женска конкуренција првото место и припадна на Нина Манасиева, додека кај машките со прво место се закити Марин Панчевски, второпласиран беше Филип Рунтев, а третото место му припадна на Дарјан Ризов.
Во категоријата деца во женска конкуренција, првото место и припадна на Ања Костова, второпласирана беше Тамара Штерјова, а трето место освои Ева Манасијевска. Во машката конкуренција кај децата со најдобро време скијаше Кирил Глигоров, Андон Ангелов заврши втор, додека Филип Борисов е третопласиран.
Во категоријата млади во женска конкуренција прво место освои Сара Димитровска, второпласирана е Ева Едровска и третото место за Ана Арсовска.
Кај машките, прво место освои Дарко Ставрев, Александар Захариев е второпласиран додека третото место му припадна на Иван Илијевски.
Во категоријата на сениорки, Елена Шкларевич го освои првото место, Ана Шкларевич е второпласирана, а третото место и припадна на Сашка Јованчевска. Кај машките сениори, прво место е за Владимир Шкларевич, Милан Димитровски е второпласиран, а Дино Јованов трет.
Во категоријата ветерани, во машка конкуренција победник е Филип Иљовски, Наум Симјановски е второпласиран, додека Александар Јорданов трет.
Во женска конкуренција кај ветераниките, првото место и припадна на Сибил Зутер Техада.
На најдобро пласираните натпреварувачи организаторот им додели признанија и медали за постигнатиот успех.
На скијачкиот настан на Пониква, присуствуваа и амбасадорката на Швајцарската Конфедерација, Сибил Зутер Техада, градоналачникот на Општина Кочани, Николчо Илијев и претставници на Скијачката федерација на Македонија.
-По создавањето на услови за развој на зимските спортови на Пониква еден од предизвиците беше да го продолжиме традиционалното одржување на „Осоговскиот велеслалом“. Интересот за скијањето е огромен и ова е една обврска и задача за локалната самоуправа и сите чинители во државата да продолжат да создаваат што е можно подобри услови за зимските спортови во целата држава, истакна градоначалникот Илијев.
-Изненадена сум што гледам толку многу луѓе на Пониква и тоа покажува дека интересот за скијање е голем. Среќна сум што Швајцарија придонесе за реконструкцијата на ски-лифтот. Натпреварувањето денеска е на одлична локација која ги собра луѓето на едно место, да дојдат и да уживаат на Пониква, истакна амбасадроката на Швајцарската Конфедерација, Сибил Зутер Техада.
На настанот беа доделени благодарници на Скијачката федерација на Македонија, Агенција за млади и спорт, Територијалната противпожарна единица – Кочани, КЈП „Водовод“ – Кочани, концесионерот на ски-лифтовите „Еурокомерц“ и на организаторите и помагачи на „Осоговски велесалом“, Зоран Јорданов, Станкица Атанасова, Мијалче Апостолов и Александар Шалевски.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов