На Пониква се реализираа средби и показни вежби пред делегација на министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Црна Гора


Денеска, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев беше домаќин на делегацијата на министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и на Република Црна Гора, Оливер Спасовски и Сергеј Секуловиќ.

На средбата што се одржа на Пониква, Илијев ги претстави потенцијалите на овој Спортско-рекреативен центар, кој уште во минатиот век служел како воен полигон, а подоцна како едукативен центар на децата и младинците од поранешната југословенска заедница.

– Градиме планинарски дом, сакаме да го ревитализираме едукативниот центар, и за таа цел одржуваме и развиваме соработка со збратимените општини од Балканот и Европа. Воспоставените релации меѓу двете министерства нека бидат иницијален момент за продлабочена соработка и на општинско ниво – повика градоначалникот Илијев.

Министерот Спасовски го потенцираше развојот на Пониква, со реализација на проекти што допрва ќе донесат придобивки и за државата и за локалниот економски развој.

Црногорскиот министер за внатрешни работи Сергеј Секуловиќ ја поздрави иницијативата за градење соработка, додавајќи дека моделот за развој на Кочани може да биде пример за општини од Црна Гора.

На работната средба, началникот на Одделот за специјални полициски операции, Бранко Трајановски информираше за одвивањето на работните вежби на Пониква.
На терените на Пониква во близина на одморалиштето на МВР беа реализирани показни вежби на припадниците на Единицата за специјални задачи и Единицата за брзо распоредување.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial