В петок и сабота, на 20 и 21 мај „Пијано трио“ ќе одржи концерти во Кочани и во Виница. Тројцата академски музичари Диана Мирчевска (виолина), Верица Ајтовска (виола) и Иван Трајковски (пијано) ќе изведат атрактивни дела од Дмитриј Шостакович и Астор Пјацола.
– Публиката ќе има можност да ги слушне „Пет дела за две виолини и пијано“ и помалку познатата нежна страна на Шостакович: оваа музика е убава и директна – радосна и тажна за возврат, но неизречена од стравот и гневот, очигледни во многу други негови дела. Ќе го изведеме и контрасното „нуево танго“ во „Обливион“ и „Четирите годишни времиња во Буенос Аирес“ – збир од четири композиции напишани од Астор Пјацола – револуционерот на традиционалното танго – најавуваат од „Пијано трио“.
Триото е формирано во 2018 година и има концертирано во повеќе градови во државата.
– Сакаме да покренеме една постојана креативна интеракција помеѓу музиката, инструментите и публиката, меѓу композиторот, изведувачите и слушателите. Главната цел е да се поттикне создавање свест и чувство кај публиката дека музиката е составен дел од животот – истакнуваат членовите на „Пијано трио“.Концертот во Кочани ќе се одржи во Основното музичко училиште „Ристо Јуруков“, а во Виница во Домот на културата „Тошо Арсов“, со почеток во 20 ч. Циклусот концерти ќе продолжи и во Куманово, в понеделник на 23 мај, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Концертите се реализираат со поддршка од Министерството за култура.