На 8 декември – Планинарски марш за искачување на врвот Панаѓур по повод Меѓународниот ден на планината

Во организација на Планинарско-спортскиот клуб „Осогово“ – Кочани, на 8 декември на Пониква ќе се реализира планинарски марш за искачување на врвот Панаѓур (1669 м.н.в) на Осоговските Планини.

Планинарскиот марш се реализира во пресрет на 11 декември, Меѓународниот ден на планината со поддршка на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија. Годинава честа за организација на настанот и припадна на планинарите од ПСК „Осогово“ – Кочани.

Маршот е со старт од 9 ч. од паркингот кај одмаралиштето на МВР на Пониква. Патеката на движење е кружна во должина од 9 километри во двата правца. Истата е маркирана и движењето претежно е во шумски предел освен последниот километар каде се движи по пасишта. Наменета е за сите планинари, рекреативци и вљубеници во природата и е од лесен карактер.

– Сите учесници треба да имаат соодветна зимска опрема, добро разгазени чизми, зимска облека во слоеви и планинарски стапчиња. Учесниците да бидат во добра здравствена состојба и психофизичка кондиција. Треба да бидат членови или да се приклучат кон одреден планинарски/клуб, друштво или организатор на настанот, соопштија од ПСК „Осогово“ – Кочани.

Организаторот на настанот, за сите учесници во кујната на манастирот „Св. Василиј“ ќе приреди традиционален ручек, планинарски грав, топли напитоци, а ќе бидат доделени благодарници на поединци и клубови.

Задолжително пријавување кај организаторот , ПСК „Осогово“, Тошо Антов, 078/270-724, Стојка Антова, 071/314-482, Мирче 078/325-585 или Методи 078/203-047.

И.Матеничарски

Сподели: