Независната листа за советници на Венко Крстевски ги собра потребните потписи за учество на локалните избори

Независната листа на советници чиј носител е Венко Крстевски ги собра потребните 250 потписи од граѓани за учество и кандидатура на претстојните локални избори закажани за средината на октомври.

-Почитувани сограѓани, потписите се собрани! Благодарност за масовната поддршка, за сите кои се потпишаа и кои помогнаа, за сите кои не успееја, а сакаа да се потпишат бидејќи само за 24 часа ги собравме потребните потписи, за сите во дијаспората кои за жал не се во можност да се потпишат. Одиме по потешкиот пат, ова е само првиот чекор, во наредниот период ќе бидете известени за сите активности.Власта конечно ќе биде во рацете на народот!Само победа е опција, истакна Крстевски.

Венко Крстевски е член на Советот на Општина Кочани од 2017 година. На локалните избори во 2017 година, независната листа „Младите за Кочани“ чиј носител беше Крстевски освои 1314 гласови, а само 250 недостигаа за влез на втор совентник од редовите на независната листа.

Во меѓувреме, до 30 август тече рокот за собирање потписи за поднесување на независни кандидатски листи за советници и градоначалници. Во подрачната канцеларија на Државната изброна комисија во моментот се собираат потписи за кандидатура за единствениот независен кандидат кој пројавил интерес за градоначалник на Кочани, Мартин Кировски, додека потребните потписи за кандидатура на советничка листа претходно ги собра независниот носител на советничка листа, Аки Акиов.

Од Државната изборна комисија ги известува граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список е во тек и ќе трае заклучно со 9 септември во 24 часот.

Сите заинтересирани граѓани кои сакаат да извршат увид во своите податоци тоа можат да го направат лично, во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, и електронски –  на https://www.sec.mk/uvid-vo-izbirachki-spisok/ За време на јавниот увид, подрачните одделенија и канцеларии на ДИК ќе работат секој ден од 8 до 19 часот, а на 9 септември до 24 часот.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели:
  •  
  •  
  •