Стоматолошката ординација „Оптимус Дентал“ и докторите М-р, Д-р Мери Арсовски и Д-р Андон Арсовски преку едукативни објави во соработка со интеренет-порталот „Гласно“ ќе ве доближат до стоматологијата, притоа споделувајки интересни едукативни информации во областа на оралното здравје.
Во првата објава, прочитајте за Дентофобијата – стравот од стоматолозите и стоматолошките процедури и совети за надминување на стравот!!!
Неминовно е да започнеме со Дентофобијата или стравот од стоматолозите и стоматолошките процедури, како една од најчестите и најдискутираните фобии во светот. Како дентофобија се класифицира состојбата при која кај пациентот се манифестира екстремен страв и се појавува огромно чувство на паника пред секоја посета на стоматолог.
Според досегашните статистичките податоци, од секои пет луѓе, најмалку двајца доживуваат силен страв дури и при самата помислата да го посетат својот личен стоматолог.
Фобијата е многу специфичен тип на страв, таа е конзистентна и често ирационална. Главниот проблем со фобијата е тоа што пациентот не разбира зошто го има овој страв, што пак кај него може да предизвика голема фрустрација и да влијае на другите области од неговиот живот. Но, како и со сите други фобии, стравот од стоматолозите може да се надмине или барем да се минимизира со соодветно знаење и едукација како на докторот стоматолог така и на пациентот. Затоа, со доволно високо ниво на свесност, секој пациент може да ги намали чувствата на вознемиреност и страв, се додека неговиот стоматолог навреме, доволно јасно и разбирливо го информира за се што е пред него.
Каде е вкоренет стравот од стоматолошка ординација?
Се разбира, постојат различни причини за развој на оваа фобија. Ова се главните причини за страв од посета на стоматолог:
Страв од минати искуства
Речиси сите имале непријатно искуство како дете во стоматолошка ординација. Иако стоматологијата денес е многу напредната и скоро и да ја елиминира целосно болката на пациентот при секоја стоматолошка интервенција, сепак сеќавањата се уште се премногу живи во главите на луѓето и ги спречуваат трезвено да ја проценат ситуацијата. Ако пациентот имал претходно искуство кое било особено болно, нивото на анксиозност и прекумерно размислување при секоја наредна посета може да се зголемат. Посебно е важно ако негативно искуство е на првата посета кај стоматологот т.е. првата посета на детето. Доколку таа е трауматска, тогаш сите понатамошни посети може да бидат непотребно психолошки стресни.
Страв од критика
Втората најчеста причина е стравот луѓето да се најдат во состојба во која ќе бидат критикувани за занемарената состојба на забите. Пациентот се плаши од укор дека не се грижи доволно за забите и не сака да биде подложен на такво понижување, притоа не земајќи ја во предвид страната на стоматологот, чија цел е подигнување на нивото на орална хигиена и помагање на пациентот да ги надмине сите проблеми во усната празнина.
Добриот доктор не суди , тој помага.
Индиректно всадување страв
Освен од лични искуства, стравот може да биде предизвикан и од индиректни извори. Најчесто ова се примери од блиски во семејството или пријатели, кои ни кажуваат за сопствените трауматски искуства со стоматологијата, кои најчесто се базирани на лични субјективни искуства и доживувања и немора да се потполно точни. Освен ова денес на интернет се достапни и голем број трауматични фотографии и приказни за лоши третмани и искуства. Гледањето на ваква содржина има силно негативно влијание врз ставот на пациентот.
Како ќе ви помогне вашиот стоматолог за да ја надминете дентофобијата?
Важно е да се знае дека и стоматолозите претпочитаат нивните пациенти да бидат смирени и без болка, така што процесот на лекување може да биде поедноставен и попријатен за двете страни. Кога пациентот ќе почувствувате остра болка, можно е неволно да се придвижи, што пак може да доведе до грешка ако стоматологот во овој момент врши некаква деликатна манипулација.
- Со цел да се успокои пациентот, повеќето стоматолози се обидуваат да помогнат со тоа што детално ќе ја објаснат процедурата што претстои. Објаснувањето на манипулацијата чекор по чекор го смирува пациентот и го намалува неговиот страв од непознатото и го прави спремен за постапките кои следуваат.
- Охрабрувањето на пациентот по успешна процедура е уште една техника на однесување што може да се користи за надминување на дентофобијата. Пофалувањето и истакнувањето на позитивното во ситуацијата ќе помогне да се зголеми довербата и да се намали стравот при следната посета.
- Техниките за релаксација, исто така, можат да му помогнат на пациентот да се опушти додека е на стоматолошката столица. Длабокото абдоминално дишење го намалува нивото на анксиозност и мускулна напнатост за само 60 секунди!
- Во ретки ретки случаи, вашиот стоматолог може да ви препише лекови за анксиозност што треба да ги земете пред самата стоматолошка постапка.
Како вие сами да се смирите пред посета на стоматолог?
Еве неколку едноставни совети кои ќе ви помогнат успешно сами да го надминете стравот:
- Најдете добар и искусен стоматолог со кој постепено ќе се навикнувате на стоматолошката атмосфера и на кого ќе можете целосно да му верувате. Кога сте сигурни во компетентноста и професионалноста на лекарот, ќе одите во ординацијата многу помирно, а истовремено ќе се чувствувате и поудобно за време на лекувањето.
- Носете средство против стрес кога одите во стоматолошка ординација. На пример, земете ја омилената стрес топка и употребете ја додека сте на столот. Доколку станува збор за мало дете, понесете ја неговата омилена играчка.
- Додека сте во чекалната, искористете го времето за да ја пуштите омилената смирувачка музика на слушалките.
- Добрата дентална хигиена бара проверка на состојбата на забите најмалку двапати годишно. На овој начин вашите заби ќе бидат добро одржувани и сите можни болести ќе можат лесно да се откријат и лекуваат во рана фаза, кога процедурите се пократки и не се болни;
- Не дозволувајте стравот од имагинарна непријатност да ве обземе – обидете се да медитирате пред да се сретнете со стоматологот;
- Побарајте некој близок да ве придружува при посетата на стоматолошката ординација. Присуството на лице во чие друштво се чувствуваме сигурни и безбедни , ќе ви ја зголеми удобноста во текот на постапката.
Едукативните објави имаат за цел зголемување на информираноста и потенцирање на важноста и значењето на оралното здравје за целокупната човечка благосостојба. Сите информации изнесени во објавата се став на авторот.