Нема нови заразени во Кочани – 42 лица во самоизолација

Едно починато лице, 42 лица во самоизолација и без нови случаи на заразаени – тоа е билансот за 5 април, поврзан со ширењето на коронавирусот во Кочани.

Од лицата над кои полициските служби постапуваат според решенијата за здравствен надзор и изолација, 9 случаи се во Зрновци, а останатите 33 се во Кочани.

На седница на Владата е донесен заклучок со кој се редуцира движењето на граѓаните и во работните денови и во викендите. Од среда, 8 април 2020 г, ограничувањето на движењето за граѓаните на територијата на целата држава, за време на работните денови ќе почнува од 16 часот и ќе трае до 5 часот наредниот ден. За време на викендите забраната за движење за сите граѓани ќе трае 24 часа, односно од 16 часот во петок до 5 часот во понеделник.

Новина во мерките за социјално дистанцирање е и забраната за движење на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.

Градоначалникот Илијев упати повик до граѓаните да не создаваат паника, туку свесно и максимално да се придржуваат кон пропишаните мерки, кои се најважни за спречување на ширење на заразата.

Сподели: