Само осум од триесет и трите столба за улично осветлување работат во кругот на кочанската Општа болница.
Темницата е секојдневие за граѓаните кои го користат овој скратен пат, пеш да стигнат до центарот на градот, од населбите „Белско маало“ и „Калиманова глава“.
Колку е небезбедно навечер да се минува низ болничкиот круг говори и фактот дека поради темницата, пешаците честопати обиколуваат по други улици за да стигнат до својот дом, а неретко се случува поради мракот и отежнатата видливост, движејки се да се повредат.
Кочанската болница е медицински центар кон кој мигрираат и пациенти од соседните општини, особено итните случаи кои во вечерните часови се препраќаат во болницата, па во сета мака, роднините на пацинтите лутаат во темница за да го најдат одделението на кое се сметени нивните најблиски.
Сепак мора да споменеме дека уличното осветлување честопати знае да е мета на вандали, но тоа не треба да биде причина истото да не се санира и оспособи повторно. За жал кочанската болницата во вечерните часови повеќе наликува на напуштен објект отколку на медицински центар каде се лекуваат луѓе.
Нека биде ова поттик за раководството на болницата да го санира проблемот час поскоро, за доброто на сите граѓани.
И.Матеничарски
Фото: А.Арсов