Градската депонија – тема која изминатиов период ја бранува јавноста во Кочани поради непрестаното чадење и загадување на воздухот кој се почесто мириса на пластика и тешки хемикалии. Граѓаните реагираат на непрестаното загадување од депонијата која повеќе од еден месец гори и чади, со неколкудневни прекинувања.

Од КЈП „Водовод“ – Кочани за интернет-порталот „Гласно“ информираа дека постојат индиции и основи на сомнение дека пожарите се намерно подметнати од страна на лица кои неовластено престојуваат во кругот на градската депонија.
– Во оградениот простор на Градската депонија постојано неовластено престојуваат поголем број на лица (од 10 до 40), а меѓу нив често престојуваат и деца. Поради тоа што постојат индиции и основи на сомнение дека пожарите се намерно подметнати од страна на овие лица, КЈП „Водовод” Кочани има поднесено повеќе известувања и пријави до МВР ОВР Кочани и Центарот за социјални работи во Кочани и по истите се уште немаме добиено никаков одговор. На депонијата се подигнати шатори во кои лицата престојуваат, соопштија од КЈП „Водовод“.
Од СВР-Штип до каде се обративме информираа дека од почетокот на годината до нив се пристигнати пет пријави за Градската депонија од кои три од граѓани и две од КЈП „Водовод“ – Кочани. Оттаму додадоа дека е извршен увид на лице место и дека се работи на документирање на случаите.

Меѓудругото, кај граѓаните и јавноста се остава впечаток дека кочанчани се оставени на милост и немилост на Градската депонија. Од Локалната самоуправа на Кочани целосен молк во врска со проблемот, на Советот разани препукувања за депонијата кои одат во правец на чист популизам, лични и политички поени на поединци или политички групи без конкретен и сериозен предлог за решавање и пристап на проблемот. Од КЈП „Водовод“ пак додаваат дека имаат активности за санирање на депонијата, но очигледно е дека не се од корист бидејки депонијата непрестано чади.


– КЈП „Водовод“ Кочани во изминатиот период има преземено низа на мерки и активности во рамките на своите надлежности, а пред се во согласност со финансиските можности со кои располага во моментот за гасење на пожарите кои беа предизвикани на Градската депонија. Пред се, се работеше на внесување на отпадот кој беше депониран на самиот влез на Градската депонија од несовесни граѓани, а исто така се работеше на затрупување со земја и вода на жариштата во самата депонија. Во овие активности учествувавме со сопствена механизација и работна сила, а бевме помогнати од страна на Општина Кочани, Територијалната противпожарна единица Кочани, ДПД – Доброволното противпожарно друштво и неколку општествено одговорни компании, додадоа од „Водовод“.

Можеби најголемиот проблем е тоа што претходниот период Градската депонија во Кочани стана регионална па се депонира и комунален отпад од страна на комуналните претпријатија на општините Кочани, Зрновци, Виница и Чешиново-Облешево се до изградба на Регионалната депонија во Свети Николе која како што стојат работите нема да се изгради во блиска иднина.
– Бидејќи во минатото на Градската депопонија во Кочани се депонираше околу 60 000 м3 отпад, а сега се депонираат дополнителни 30 000 м3 отпад од страна на горенаведените општини, а согласно Законот за управување со отпад, КЈП „Водовод” Кочани нема предвидено јавна набавка за течен препрат (алги) туку има предвидено јавна набавка за оддржување на Градската депонија со тешка механизација. Ова подразбира набавка на услуга со багери и булдужери од страна на градежна компанија која услуга се користи сукцесивно согласно потребите и се однесува на бутање на отпадот и затрупување со земја, истакнаа од КЈП „Водовод“.
Дополнително, Министерството нема донесено правилник, КЈП „Водовод“ да наплаќа за депонирањето на отпадот од соседните општини, иако од „Водовод“ неколкупати се обратиле за обезбедување на дополнителни финансиски средства за третман на депонијата.

За забележување е и пасивноста на Државниот инспекторат за животна средина кој нема информирано за преземени мерки и извршен надзор на депонијата иако граѓани пријавуваа за проблемот до инспекторатот. Пасивни се и еколошките здруженија од Кочани кои за разлика од пред некоја година кога проблем за загадувањето во градот беше фабриката „Пејпар Мил“ сега се само неми посматрачи на проблемот од страна. Единствено граѓански здруженија и граѓани имаат поднесено пријава до Народниот правобранител за запознавање со настанатата состојба на Градската депонија.
И. Матеничарски