И по седум дена од поставувањето на новите јавни чешми за пиење вода на две локации во Кочани од нив се уште не протече вода, со што освен за украс, целосно не е искористена нивната намена и цел.
КЈП „Водовод“ – Кочани пред точно една седмица постави две јавни чешми за пиење вода, кај Општата болница со проширена дејност – Кочани и на улицата „Теодосија Паунов“ на влезот во населбата Усова Чешма.
Слична е и ситуацијата и со други јавни чешми во градот и периферијата кои веќе неколку години не се пуштени во употреба, а дел од нив се оштетени и нефункционални.
Такви се јавните чешми на плочникот во Трговскиот центар Блок А, чешмата во Стариот парк како и една одамна подзаборавена јавна чешма, на Големиот паркинг во Трговскиот центар.
Од КЈП „Водовод“ претходно најавија дека во следниот период ќе бидат поставени и други чешми за пиење на вода на различни локации во градот, но предтоа би било добро да ги оспособат веќе постоечките.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов