Николовски од Кочани: Браната Речани започна да се гради во мандатот на СДСМ

Носителот на кандидатската листата за пратеници во Изборната единица 3 од СДСМ и коалицијата „Можеме“, Љупчо  Николовски денеска престојува во Кочани, на средба со граѓаните, каде ги промовираше проектите преку кои ќе ја бара поддршката од гласачите, на претстојните парламентарни избори закажани за 15-ти јули.

Николовски зборуваше за капиталните проекти реализирани во Источниот регион со посебен осврт на браната Речани.

– Овде во Кочани за браната Речани како дел од хидросистемот Оризарска река се зборуваше уште во 60-тите години на минатиот век, но тоа повеќе не е така. Браната Речани започна да се гради токму во овој мандат на СДСМ после 50 или 60 години , овој капитален проект во износ од 30 милиони евра станува реалност и бенефит за целиот Кочански регион, рече Љупчо Николовски,носител на пратеничката листата на СДСМ во Изборната единица 3.

Николовски од  Кочани  вети дека до крајот на мандатот минималната плата ќе биде 20 илјади денари, а просечната 34 илјади денари.

-Доверете ни чист мандат за да ја вратиме нашата економија на брз и одржлив раст од 4 проценти годишно. До крајот на мандатот стапката на невработеност со коалицијата на СДСМ ќе биде едноцифрена. Не се ова соништа ова се реалност, зошто за четири години се калкулираат 2,5 милијарди евра јавни инвестиции и 1,2 милијарди евра директни приватни инвестиции со сериозна поддршка од Европската унија и новите фондови, истакна Николовски.

Носителот на СДСМ во третата изборна единица, Љупчо Николовски вети и поголеми пензии како и подобар стандард на граѓаните.

И.Матеничарски

Сподели: