Објавениот расказ е дел од традиционалниот литературен конкурс за краток расказ во организација на Активот по македонски јазик и литература при СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани на тема „Новата година – нова надеж“.
Интернет – порталот „Гласно“ во соработка со СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани ќе ги објави трите најдобри раскази од овогодинешниот конкурс.
Расказот е на Антониа Митрева ученичка во II-8 клас во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани и е третонаграден на конкурсот.
Новата година – нова надеж
Јас секогаш бирам да се соочам. Чекањето за мене е да ја губам битката во која не сум се борела. Занемарувањето на проблемот ме враќа назад, одново и одново на почетокот. И се губам во тој парадокс – каде се давам во проблемите кои самата ги создавам. Ги создавам и минувам во лавиринтот на животот. Понекогаш е суров и тежок, полн со предизвици и искушенија. Непредвидени ситуации во кои сме учесници или неми сведоци. Понекогаш сме само кукли на конци во бојното поле. На ова (не)време каде не е сè розово и светло. Каде не е така како што мислев дека ќе биде. Каде тешкото станува секојдневие, каде сме рамнодушни на тагата. Каде дождот стана навика, а сонцето престана да се чека. Забораваме на подобро, забораваме дека некогаш беше онака како што треба да биде. И на насмевките, оние искрените, оние кои не престануваа.
Зар заборавивме на среќата? Зар не требаше таа да бидe тука? Да биде присутна, да биде постојана, да остане! Да биде видлива, да ја допреш, да ја почувствуваш. Да биде светлината и блесокот во темнината. Таа требаше да нè извади и да нè спаси. Да нè спаси од залутаниов свет, од ова (не)време, да нè израдува и да го обои сивилото. Да нè огрее сите, да нè стопли на студеното.
Ќе дојде ли повторно? Да ја барам, да чекам ли? Нека не е скапа, нека биде скромна, значајна. Нека не е многу, нека биде само старото, обично секојдневие.
Можеби ќе дојде, ќе намине, ќе нè израдува. Нека биде уште малку, нека не потрае долго чекањето. Нека дојде со топлината на огнот, со ручекот, со подароците. Еве, нека дојде со снегот, нека ја донесе ветрот. Нека дојде со празниците, со Новата година. „Нема ништо магично во превртувањето на календарот, но тоа претставува нов почеток, нова надеж и празно платно.“ – рекол Џејсон Сороски. Јас сум тука, сите сме. Ќе ја чекаме. Можеби некој ден ќе се остварат желбите, ќе престанат копнежите. Ќе дојде она по кое чекавме, она кое го баравме. Сепак, Новата година – носи нова надеж.
Антониа Митрева II-8 клас
СОУ „Љупчо Сантов“- Кочани