Објавениот расказ е дел од традиционалниот литературен конкурс за краток расказ во организација на Активот по македонски јазик и литература при СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани на тема „Новата година – нова надеж“.
Интернет – порталот „Гласно“ во соработка со СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани ќе ги објави трите најдобри раскази од овогодинешниот конкурс.
Расказот е на Ивана Димитрова ученичка во III-8 клас во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани и е првонаграден на конкурсот.
Новата година – нова надеж
Најинспиративната приказна што сум ја слушнала е онаа за неколкуте свеќи. Кога ќе згасне љубовта и среќата, надежта останува да гори.
За помалку од еден месец на планетата завладеа хаос, придружен со огромен страв. Една војна без оружје, тивка војна. Доколку не ги броиме последните гласни воздишки на мртвите и вресоците на нивните блиски. Вака соочени со нешто непознато, со нешто невидливо, како еден научно-фантастичен филм. И кој е овде херојот? Којќе нè спаси од самите нас?Дали сме тоа самите ние?
Во време кога сите очи се вперени во едно нешто и кога човек со трепет го напушта домот, забораваме на среќата, на љубовта, на насмевките. Обожував да се насмевнувам во знак на благодарност, поздрав, препознавање. Сега и тоа ми го одзедоа. Уживав во прегратките на најблиските, во чајот на баба и приказните на дедо. Особено среде зима. Кога снегот го топи и ледот во срцава наши. И кога сакам да ја избројам секоја падната снегулка. И, секако, не успевам. Но нека, пак е сè прекрасно. А сега, толку многу ми недостасуваат сите. И сè. Се плашам дека ни станува навика. Дека се оддалечуваме едни од други како никогаш претходно. Живот ли е ова? За ова ли се радувавме и славевме? За никогаш повторно да не видиме насмевка низ улиците.
Велам, колку е поупорен целиов овој хаос, да бидеме и ние. Како луѓе кои никогаш не се откажуваат, да застанеме цврсто и решително, да не дозволиме една невидлива сила да нè победи. Нели голем дел од Вас не веруваат во нешта што не можат да ги видат и допрат. Мислев на Бог. И не се плашам да кажам дека Тој ќе нè спаси, на погоре поставеното прашање. Стојам на својот збор како никогаш претходно. Сметам дека целово лудило ќе заврши доколку барем малку одвоиме време да се надеваме и веруваме. Веруваме во подобро утре и подобра иднина. Без маски, ракавици, без страв и дистанца. Но најпрво, правилно да се заштитиме. Не само од вирусот, туку од целиот страв што ни го влева истиот.
Не сакам и не можам повеќе да пишувам и зборувам за ова. Не знам како се чувствувам. Токму поради тоа се плашам. Дека останавме неми и вкочанети. Дека заборавивме на сè друго што се случува и одлучувме да тргнеме по патот кој некој друг ни го црта. Без притоа да се надеваме дека истиот е добар. Или можеби веќе некој рекол дека е добар.
Најголемата иронија е дека човек верува во сè што ќе му кажат „големците“, а тој како обичен смртник не сака да се соочи со реалноста и со самиот себе. Не сака да се надева. Надежта е тешка и опасна работа, може да те однесе на места за коишто само сонуваш. Истата е приспособлива за секој, а ние одбиваме да ја прифатиме.
Сакам да пијам од чајот на баба и да ја прегрнам толку силно, да слушнам барем уште една приказна од дедо, пред да биде премногу доцна. Сакам, верувам и се надевам.
Ќе ги замолам сите на светов да веруваат и да се надеваат. А сите оние кои денес немаат храна на трпезата, немаат чиста вода, оние во болничките кревети кои со години се борат со некоја болест, оние со пречки во развојот, сите кои немаат работа и оние кои работат. Иако изгледа дека светов заборави на сите Вас, Ве уверувам во спротивното. Никој не е заборавен, никој не е исклучен, заедно сме во ова. Заедно сме на светов. Малку повеќе верувајте дека сè ќе биде во ред, и ќе биде. Ако не денес, утре, наредниот месец, година… но ќе биде. Ќе нема повеќе страв од прегратки. Секој крај е добар, ако не е добро, значи дека не е крај.
Ивана Димитрова III-8
СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани