Објавениот расказ е дел од традиционалниот литературен конкурс за краток расказ во организација на Активот по македонски јазик и литература при СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани на тема „Новата година – нова надеж“.
Интернет – порталот „Гласно“ во соработка со СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани ќе ги објави трите најдобри раскази од овогодинешниот конкурс.
Расказот е на Сандра Ѓорѓиева ученичка во III-5 клас во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани и е второнаграден на конкурсот.
Новата година – нова надеж
Босите нозе ми стојат во снегот. Студот што ми го чувствува телото е неспоредлив со оној кој ми го чувствува срцето. Студот кој ги замрзнал клучевите на портите од моето срце и ги оставил да стојат на бравата, така замрзнати, е неспоредлив со оној кој ден по ден се надвиснува над градот како што му доликува на декември. Зошто повторно ми студи во душата декември? Зошто мразулците висат од кората на моето срце, а не од стреите надвор? Зошто и ова исчекување на Новата година го поминувам во внатрешно студенило?
Ми студи. Многу ми студи. Ми студеше и во текот на цела година. Студено ми е затоа што ме повредуваа. Студено ми е затоа што оваа година ми го одзеде оној кој ми беше ангел и на земјата, а сега ми е на небото. Студено ми е затоа што мојот град беше „среќен град“ на тажни луѓе. Затоа што злобата не исчезна. Постојано ги гледав луѓето како си цртаат лажни насмевки додека нивната душа тонеше во море од тага исполнето со бранови на недостиг. Недостиг на топлина, на љубов. Недостиг на искрени насмевки.
Ти, годино што доаѓаш, ќе бидеш ли поразлична? Ќе нè научиш ли да живееме исполнето? Ќе ја подигнеш ли човечноста на едно повисоко ниво? Верувам, цврсто верувам, дека ти си нашата нова надеж. Верувам дека ти ќе бидеш подобра, дека ќе ги промениш нештата. Ти ќе успееш.
Постои надеж за годината што доаѓа. Луѓето ќе ја пронајдат среќата во тишината на својата свест. Тоа е најмирното место во коешто човек може да ја бара и да ја пронајде својата вистинска среќа. Мирот ќе се всели во душата на секое човечко битие и ќе ни го одмрзне студот што се свил врз гранките на нашите срца. Наместо студот ќе ни донесе сонце, ќе ни ги врати птиците на топлината на нашите срцеви гранки и ќе ги направи поцврсти, а не лесно кршливи. Ќе ни даде сила и желба да се бориме против она што ќе се најде на патот на нашето патување наречено живот. Ќе успееме сами во себе да почувствуваме џиновска сила за да им се спротивставиме на сите удари што ќе ни ги нанесе животот. Затоа што ако животот е едноставен, тогаш не бил живот. Ќе го цениме времето, ќе бидеме свесни дека тоа е како водата од реката. Како што истата вода не ја газиме никогаш со нашите нозе, така и истите моменти нема да се повторат. Затоа ќе научиме да го цениме секој момент и да се радуваме на малите нешта. Љубовта ќе продре длабоко до самиот извор преку кој ќе се поврзат сите луѓе и сите други битија на овој свет. Ќе сакаме чисто, искрено и вистински. Куферите на грижи, неуспеси, разочарувања и падови ќе бидат спакувани и ќе им биде доделен билет во еден правец, билет за неповрат.
И ние, како и птиците, ќе го оставиме зад себе сето она што не ни треба во иднина и ќе летнеме широко со нашите крилја на патувањето наречено безгрижност. Илјадници причини да се смееме ќе се најдат на нашите животни патишта. Светлината на нашиот Исус ќе нè прегрне, ќе ни го исполни срцето со добрина, љубов и мудрост и ќе ни ги излечи раните од претходната година. Бакнежот на среќа ќе се оцрта како отпечаток од кармин на нашиот образ и ќе го носиме невидливо во текот на целата година.
Новата година ќе биде подарок на човештвото, подарок на огромна љубов, обвиткан со искреност, со панделка на топлина и цврсто запечатен со човечност. Новата година секогаш значи и нова надеж. Затоа, точно на полноќ, погледнете кон небото, побарајте ја вашата ѕвезда и зграпчете ја во своите раце. Пренесете ја му на своето тело светлината на Исус примена од небото и исполнете го со мир. Затоа што тоа е вашата ѕвезда. Вашата ѕвезда на новата надеж.
Сандра Ѓорѓиева III5
СОУ „Љупчо Сантов“- Кочани