Општина Кочани по третпат ја отвори постапката за јавна набавка на работи за реконструкција на дворот на ОУ „Малина Попиванова“.
По два неуспешни обида за избор на изведувач, Локалната самоуправа очекува понуда од изведувачи што ќе работат на уредување на училишниот двор од 10 илјади метри квадратни корисна површина за игра, забава и рекреација на децата. На првиот и на вториот оглас се пријави само една фирма, а понудата ја надминуваше проценетата вредност, поради што беше поништена.
Уредувањето на училишниот двор опфаќа изградба на детско игралиште, беседница за настава во природа, амфитеатрално прилагоден терен, патеки, спортско игралиште, забавно-рекреативен простор и игралишта за учениците со посебни образовни потреби. Целта е да се подобрат условите за социјализација и инклузија на учениците и жителите од мултиетничка, мултикултурна и различна социјална средина.
Се работи за проект за кој Општина Кочани доби средства од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC). Претходеше реализицијата на Форум во заедницата на кој граѓаните го избраа проектот „Изградба на спортско-рекреативен центар во ОУ ‘Малина Попиванова’“. За имплементација на овој проект е потпишан договор помеѓу УНДП и Општина Кочани.
Постапката за избор на најповолен понудувач ќе се спроведе преку
Електронскиот систем за јавни набавки, а ќе заврши со користење на е-аукција, како последна фаза за доделување на договорот за јавна набавка. Критериум за избор на најповолната понуда ќе биде економски најповолната понуда, која ќе се утврди врз основа на цената. Проценетата вредност е 2.700.000 денари без ДДВ.
Крајниот рок за поднесување на понудите е 3 јули, до 11 ч.