Ковид 19 кризата не ги одмина медиумските работници кои беа едни од најпогодените. Денеска на дебата, организирана од Советот за етика во медиумите, тие ги споделија своите искуства и предизвици, а воедно и беа презентирани искуствата на СЕММ во пандемијата. Да се известува избалансирано, фер и објективно во услови на пандемија е дополнителен предизвик.
Извршната директорка на Советот за етика во медиумите, Марина Тунева, зборуваше за тоа дека сите медиуми, во целиот свет претрпеле одредени промени поради актуелната состојба.
Ковид пандемијата доведе до тоа во некои земји и некои влади да се осудат да ги ограничат слободите. Ние постојано имаме контакти со советите од другите држави и предизвиците се слични со оние во регионот. Кај нас исто се јавија проблеми со ограничен пристап до информации, истакна Марина Тунева.
Онлајн средбата се одржа во рамките на проектот ,,Поддршка на слободата на изразување во медиумите во Северна Македонија’’ што го имплементира СЕММ со поддршка на делегацијата на ЕУ во земјава.
Даниел Димитриески, програмски координатор во СЕММ ја презентираше статистиката на доставени жалби до Комисијата. Интересно е што бројката на жалби постојано расте.
Лани добивме најголем број на жалби досега. Минататa, 2020 година имавме 140 жалби. И тоа е речиси двојно повеќе од минатата 2019 година. Споредбено, во 2019 година имавме 83 жалби. Во 2020 година донесени се 109 одлуки, а 18 жалби се дефинирани како неосновани, 13 жалби се решени по пат на медијација, односно помирување помеѓу страните.Во 2020 година, 15% од жалбите се решени со медијација, а во 2019 година само 4% се решени со медијација, што укажува дека се почесто медиумите се спремни да соработуваат со саморегулативното тело. Годинава до денес се добиени 93 жалби, очекуваме повторно пораст за 20 до 30 % во 2021 година, истакна Даниел Димитриески.
Новинарите кои учествуваа на оваа онлајн средба исто така учествуваа во дискусијата и ги истакнаа дел од предизвиците со кои се соочуваат.
Новинарите и медиумите кои ненамерно прават грешки во известувањето знаат да ја прифатат својата грешка, да се извинат и да се коригираат. Но, оние кои имаат друга агенда не се грижат за новинарските стандарди и тие известуваат за нечии други интереси и не се плашат од саморегулацијата, подвлече новинарот Тони Михаилов од Штип.
Овој серијал на средби за медиумското известување во време на Ковид 19 ќе продолжи и во останатите плански региони во земјава и со другите засегнати страни, како невладини организации или органи на локалната власт.
СЕММ