Невиден преседан се случи попладнево на првата изборна конференција на општинската организација на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија кога новинарите уредно поканети да го проследат настанот и да информираат за изборот на претседателството на локалниот огранок беа отстранети од изборната конференција на движењето ЗНАМ.
Имено, по 15-тина минути од почетокот на конференцијата каде на почетокот во официјалниот дел освен поздравен говор беа прочитани и јавно избрани членовите на комисиите за спроведување на изборот на членови на претседателството на општинскиот огранок на Движењето ЗНАМ, новинарите од страна на претседателот на работното претседателство буквално беа замолени (читај испадени) од изборот на претседателство на општинскиот ЗНАМ – За наша Македонија на кој претходно уредно беа поканети.
Без некое посебно образложени на новинарите јавно пред сите присутни им беше наредено да ја напушатат просторијата за во тајност да се избере претседателството на ЗНАМ па истите беа приморани да ја напуштат просторијата и да си заминат или да чекаат пред врата за да известат за тоа кој ќе биде на чело на ЗНАМ во Кочани.
Со оглед на фактот дека самата конференција беше од формален карактер и претседателството на локалниот огранок веќе беше познат и договорен однапред, не ја гледаме причината новинарите да бидат брутално испадени од настанот, притоа движењето да промовира демократија, демократски вредности и нешто поразлично од веќе виденото на моменталната политичка сцена.
Како медиум испраќаме критика и јасна порака дека ваков преседан досега не паметиме во Кочани. Доколку организаторот го планирал текот на настанот со отворен и затворен дел, тогаш уредно во поканата до новинарите требаше да го нотира истото.
Интернет-порталот „Гласно“ очекува јавно извинување за настанатиот пропуст, во спротивно во иднина нема да ги покрива настаните на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
И. Матеничарски