Новинарската екипа на интернет-порталот „Гласно“ беше спречена да известува од избирачкото место 0847, лоцирано во клонот 4 на ДГ „Павлина Велјанова“ кај Градскиот пазар.
Новинарот и фоторепортерот на „Гласно“ иако уредно се легитимираа дека се новинари и известуваат за локалниот портал „Гласно“, од страна на претседателката на избирачкото место, по претходна телефонска консултација не и беше дозволено да фотографираат и да си ја вршат новинарската работа.
Ова не беше случај во другите избирачки места кои екипата на „Гласно“ ги посети утринава, каде по уредната легитимација добивме дозвола за фотографирање.
Уредничкиот тим на интернет-порталот „Гласно“ остро го осудува чинот на неоснованото попречување во известувањето што никако не оди во прилог на демократските вредности и правото на слобода на јавното информирање, особено за време на изборниот процес.