Советот на Општина Кочани денеска ја одржа првата, конститутивна седница на новиот советнички состав на која за претседател на Советот беше избран Д-р Лазо Митев од советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ. Советниците расправаа по 14 точки на дневниот ред, при што беа формирани и потребните работни комисии на акутелниот состав, а седницата како што е редот ја отвори и со неа претседаваше највозрасниот член на Советот, Аки Акиов.
Седницата ја одбележа тензична атмосфера уште на самиот почеток кога при давањето на свечената изјава, дел од советниците не го употребија уставното име на државата, по што следеше реакција од претседавачот на советот Акиов. Дел од нив од правните служби на општината побараа правно толкување за употребата на уставното име и се повикаа на Законот за локална самоуправа и тоа дека станува збор за лична изјава.
По ова Акиов даде пауза за дополнителна координација на советниците. По паузата дел од советниците ги доставија своите изјави, но со корекција во додавката Северна на уставното име, па и така тензичната атмосфера кулминираше со дофрлувања и лични препирки помеѓу дел од советниците и претседавачот по што беше побарана дополнителна пауза за советниците. Личните дискредитации продолжија и за време на паузата па поискусните советници беа ставени во ситуација да ја смируваат тензичната ситуација која остави лош впечаток за првата седница на новиот советнички состав.
Во продолжението на седницата советниците расправаа по точката за избор на претседател на Советот. Единствениот предлог за претседател беше за советникот Лазо Митев од ВМРО-ДПМНЕ. Со 10 гласа за, од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и ЛДП-ДОМ и еден воздржан, Митев ја доби поддршката да биде избран за претседател на Советот при што го презема водењето конститутивната седница.
-Ви посакувам успешна работа и очекувам при донесувањето на одлуките да се раководите од јавниот интерес, а не од личните и партиските интереси – истакна во своето прво обраќање претседателот Митев.
Во отсуство на гласовите на советниците од СДСМ беа изгласани и преостанатите точки од дневниот ред за формирање на потребните работни комисии на Советот.
Следната седница на Советот е закажана за в понеделник, 15 ноември 2021 г., кога на дневен ред ќе се најде и ребалас на Буџетот на Општина Кочани.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов