„Зголемувањето на бројот на новозаразени од коронавирусот е знак дека треба да бидеме многу внимателни и настроени заштитнички кон себе и кон сите околу нас. Нема простор за неодговорност и опуштеност. Носењето заштитна маска,одржувањето хигиена и физичко растојание од 2 метра е основно.“
Ова е апелот што го упати градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, како шеф на Општинскиот кризен штаб, откако надлежните здравствени институции констатираа нови случаи на болни од Ковид-19 во Кочанско.
Во пресрет на утрешниот пазарен ден и продолжениот викенд, Илијев потсети дека заради спречување на ширење на коронавирусот, најдобро еда се избегнуваат фреквентните места и мешаниците на јавните површини. Пазарот ќе се организира според одлуката од последната седница на Општинскиот кризен штаб – тезгите по улицата „Гоце Делчев“ ќе бидат поставени само на тротоарот покрај Кочанска Река, на потегот од зградата на ЕВН до Џамијата. Заради безбедност, растојанието меѓу нив треба да биде 2 метра, а нивната максимална должина – 4 м.
Во овој момент, во соседната општина Чешиново-Облешево има уште три нови заболени лица од КОВИД-19 или по првиот бран, вкупно осум активни случаи – состојба којашто обврзува сите мерки и препораки издадени од надлежните органидасе почитуваат максимално, за да се превенира ширењето на коронавирусот.
Во наредниот период ќе се продолжи со дезинфекција на јавните површини, местата за одлагање на отпад и на другите фреквентни површини, со цел да се спречат можностите за ширење на заразата.Поради непредвидливата и смртоносна моќ на вирусот, се препорачува сите граѓани совесно и одговорно да се однесуваат и максимално да ги применуваат мерките и препораките за заштита од болеста.