Жителите на улицата 1-ви Мај во „Белското“ маало каде од неодамна е изградено, но не и официјално пуштено во употреба новото детско игралиште, се жалат на неподнослива врева предизвикана од малолетни лица, кои во доцните вечерни часови го реметат мирот на жителите на улицата.
Игралиштето по полноќ е збиралиште на тинејџери кои покрај галамата која ја прават, конзумираат алкохол, цигари, храна и остатоците од отпушоците и амбалжата ја расфрлаат по парковската површина. Најголем дел од нив доаѓаат со моторцикли со кои намерно прават уште поголема врева и им пречат на жителите на околните куќи.
Неколкупати било пријавувано и до Полициската станица во Кочани, но засега ни тоа не вродило со плод.
Жителите се револтирани бидејки сами го одржуваат паркот, ја косат и наводнуваат тревата, се грижат за реквизитите и хигиената околу него, за на крај сиот нивен труд да биде уништен од група малолетници со ниска свест и култура.
Неодамна на социјалните мрежи осамна реакција на наш сограѓанин кој алармираше за слични вакви „сеанси“ во близина на „Атомските“ згради.
Таму малолетници растркалаа нов метален контејнер по блиските скали, а еден од реквизитите од детскиот парк беше преместен пред индивидуален објект од непосредната околина.
На почетокот на јуни бевме сведоци дека Детското игралиште изградено во непосредна близина на социјалните згради во кочанската населба Драчевик беше мета на вандалско однесување.
Таму дел од реквизитите беа откорнати од подлогата, лулашките и клацкалките расипани, а урбаната опрема – клупите и кантите за отпад, покажуваа траги од насилство за што реакција имаше и градоначалнкот на Општина Кочани, Николчо Илијев.
Воедно Детските и повеќенаменски игралишта се затворени за употреба како мерка на Општинскиот кризен штаб уште од 21-ви март, но сведоци сме дека тие се преполни со деца и млади и покрај забраната.
Жителите на улиците лоцирани во близина на Детските игралишта се согласни дека во вечерните часови потребна е што поголема контрола од полицијата, се со цел зачувување на мирот во населбите, заштита на реквизитите од вандалското однесување на поединци, но и разбивање на групирање на повеќе лица, со оглед на фактот дека деновиве бројот на заболени од коронавирус во Кочани се зголемува.
И.Матеничарски