Новите јавни чешми и по два месеци без вода и обраснати со трева

Новите јавни чешми за пиење вода поставени пред два месеци на на ул „Страшо Ербапче“ и „Теодосие Паунов“ се уште се без вода и обраснати со трева како нем споменик на неспособноста на кочанското комунално претпријатие да ги пушти во употреба.

На летни температури и за време на топлотен бран јавните чешми за вода наместо да служат за разладување и хидрирање на граѓаните тие се уште се нефункционални, а нивната околина запустена.

Интернет – порталот „Гласно“ реагираше веднаш по поставувањето на јавните чешми, откако КЈП „Водовод“ се пофали дека се поставени, а од нив не протече вода. Веднаш по објавата „Водовод“ излезе на терен да ги доврши и притоа според наши информации кај една од поставените чешми, стручните екипи од „Водовод“ имале проблем со доводот на вода до истата. Или во превод, поставиле чешма на место каде што во близина нема довод за вода.

И можеби реално јавните чешми се најмал проблем за разлика од се она што се случува во „Водовод“ . Но тие дефинитивно се одлика на целокупната „тромавост“ и  нефункционално работење на кочанското комунално претпријатие.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: