Нови сливни решетки – стари проблеми за возачите

Неквалитетното поставување на новите сливни решетки за атмосферска канализација на шест локации во Кочани е причина за реакција на возачите учесници во сообраќајот.

Граѓани до интернет – порталот „Гласно“ реагираат дека новите решетки кои се поставени не се рамни со асфалтот што предизвикува проблеми при преминувањето преку нив со возилата.  Најкритични се двете нови сливни решетки поставени на улицата „Страшо Ербапче“  како и на „Кеј на Револуција“.  

Поставувањето на сливните решетки го изврши компанијата „КОП Инженеринг“ од Скопје за што според договорот Локалната самоуправа на Кочани ќе им исплати средства во висина од 1,77 милиони денари.

Изминатиов период беа поставени шест нови сливни решетки, односно две на улицата „Страшо Ербапче“ на местото каде се вкрстува со улицата „Роза Петрова“ и на поврзувањето со улицата „Мородвиска Епископија“. Останатите се на улицата „Никола Карев“ кај Воени отсек и „Коле Неделковски“ како и две на улицата „Кеј на револуцијата“.

Новите сливни решетки изработени од моноблок полимер бетон, лиени, со цврста конструкција се далеку подобри од претходните метални решетки кои беа дотраени и целосно оштетени. Единствено проблем предизвикува неквалитетното поставување, односно нерамнината на асфалтот и сливната решетка.

И.Матеничарски

Сподели: