Нов режим на работа на општинската администрација во Кочани

Заради заштита на вработените од ширење на корона вирусот, во локалната самоуправа во Кочани е воведен нов режим на работа во групи.

Како што информираше секретарот на Општина Кочани, Александар Јосифов, административците работат во две групи, од 07:30ч до 11:30ч. и од 11:30ч. до 15:30ч., без користење на дневна пауза.

-Од аспект на заштита на личното здравје и здравјето на вработените во Општината, имаме нов режим на работа со тоа што во една канцеларија има само по еден вработен и се прави внатрешна ротација на вработените. Општината работи во периодот од 07:30 до 15:30 ч., а вработените ротираат, едната група од 07:30 до 11:30 и наредната од 11:30 до 15:30ч, истакна Јосифов.

Јосифов додаде дека целта на новиот режим на работа е да се избегнат групирања во канцелариите со што ќе се намали ризикот од ширење на вирусот, бидејки во општинската администрација веќе има позитивни и суспектни на КОВИД-19.

Инспекциските служби кои работат на терен не се опфатени со новиот режим на работа во групи и работат согласно стандардното работно време.

Од Општина Кочани информираа дека работата во групи нема да влијае на нормалното функционирање на локалната самоуправа, општинските служби работат редуцирано, но непречено, а граѓаните навремено ги добиваат сите потребни услуги од вработените.

И. Матеничарски

Сподели: