Нов случај на заразен од коронавирус во Кочани, бројката се искачи на 20 лица

Кочани регистрира уште еден случај на заразен со коронавирус, информираа денеска од Министерството за здравство. Со ова вкупната бројка заболени во општината се искачи на 20 лица, од кои 19 се активни случаи.

Во текот на вчерашниот ден на инфективното одделение во Штип хоспитализирано е семејство од Кочани. Станува збор за брачна двојка и нивните деца кои се позитивни на коронавирус, потврдуваат од Клиничката болница.

Во добра здравствена состојба е и четиримесечното бебе од Кочани кое е сместено на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Во меѓувреме се чекаат резултатите од тестовите на 16 здравствени работници од детското одделение на кочанската Општа болница каде се лекуваше заразеното бебе.

Бројот на инфицирани со коронавирус во Македонија се искачи на 760 лица од кои 685 се активни случаи.

И.Матеничарски

Сподели: