НУЦК „Бели Мугри“ најави низа културни настани и манифестации во 2022

НУЦК „Бели Мугри“ – Кочани годинава ќе биде домаќин на разновидни културни настани и манифестации согласно Годишната програма за работа и одобрените проекти од годишниот конкурс на Министерството за култура на Р. Македонија.

На прес-конференција во Националната установа в.д директорката на „Бели Мугри“, Ана Поп Михаилова најави реализација на дваесет културни проекти во пет различни дејности за 2022 година.

„Годинава љубителите на културниот живот ќе бидат сведоци на разновидни културни манифестации во секаков облик.  Од национален интерес во културата, во 2022 година за ЦК „Бели мугри“ се одобрени 20 проекти поделени во 5 различни дејности. Односно  износ од  1,25 милион денари буџет кој ни е зголемен черикиратно и со скоро 50 проценти повеќе проекти за разлика од минатата 2021 година. Проектите се однесуваат на три во областа на драмската дејност, два сценско музичка, по три во фолклорната и библиотечна дејност како и девет во областа на визуелните уметности, архитектура и дизајн, истакна Поп Михаилова.

Од НУЦК „Бели Мугри“ најавија дека во тек е реконструкција на внатрешноста на националната установа, што се очекува да заврши до крајот на декември. Износот кој е наменет за реконстуркцијата е во висина од 15 милиони денари. Центарот за култура и покрај ограничувањата на простор од реконструкцијата која е во тек, ќе го искористи својот капацитет во целост и ќе овозможи разновидност на понудата, најавија од „Бели Мугри“.

Меѓудругото, од НУЦК „Бели Мугри“ најавија дека годинава се планирани гостувања на театри од целата држава, но и настап на драмската секција при Центарот за култура со своја продукција низ државата. Во месеците април, мај и јуни е закажана изведба на претставата „Избувливиот човек“, додека на почетокот на септември на летната сцена при „Бели Мугри“ ќе гостува Националниот ансамбал „Танец“.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: