Објавен повик за 60. издание на Драмски аматерски фестивал на Македонија!

Управата на ДАФ го објавува повикот за 60 издание на Драмски аматерски фестивал на Македонија!

  • Право на учество на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија – Кочани имаат аматерски театри, работилници, драмски секции, студија, групи и другарства, експериментални и алтернативни сцени и други форми на самостојно сценско изразување и организирање на територијата на Република Македонија и во странство кои творат во полето на драмскиот аматеризам во категориите: театар за деца и младинци, драмски аматеризам со елементи на традиционални, модерни, авангардни и експериментални сценски изразни средства и модели;
  • На ДАФ – Кочани настапуваат поединци и групи кои аматерски се занимаваат со рецитаторството – убавото кажување поезија, како и најдобрите рецитатори од училишните секции, студија, литературни клубови, драмски групи и другарства, здруженија на граѓани, итн.;
  • На ДАФ – Кочани се прикажуваат автори и дела, театарски претстави од домашни и од странски автори. Изборот на драмскиот материјал е слободен и одредуван од страна на учесниците во натпреварот во рамките на завршните фестивалски денови;
  • При подготвувањето на драмскиот проект може (и пожелно е) да се консултураат и ангажираат учени и стручни лица, режисери, артисти, драматурзи, дипл. професори, граѓани, итн.;
  • Во претставите на аматерските драмски ансамбли не може да настапуваат професионални артисти вработени во театарските куќи во земјава и во странство;
  • Вкупниот број на членови во аматерскиот театар што учествува во подготовка и изведба на драмскиот проект не смее да надминува повеќе од 16 лица за домашен драмски ансамбл и 10 лица за меѓународни аматерски ансамбли. Отстапување од одредбата за бројот на учесници може да биде одобрено само од страна на Фестивалската управа;
  • Пожелно е драмските ансамбли, секој според можностите, да отпечатат основен рекламен материјал (плакат, проспект, програма, видео или ЦД-запис и сл.) кој е во нивен интерес и за нивна афирмација;
  • Пријавите за учество на изборот на претстави за ДАФКочани 2023 се доставуваат почнувајќи од 23 МАРТ најдоцна до 5 АПРИЛ 2023 година, на е-пошта: festivaldaf@gmail.com. Повеќе информации можете да добиете од извршната канцеларија на ДАФ на Македонија, на телефонот: 078/348-466;
  • Изборот на претставите го извршува републички изборник/селектор именуван од страна на Фестивалската управа.

Целосно  снимената претстава (видео материјалот) испратете го преку cloud системите (we transfer, dropbox, google drive, one drive и слично). Покрај видео материјалот, доставете го и текстот според кој е работена претставата (во word, pdf формат или scan).

Снимената претстава и материјалот треба да ги испратите на меилот: festivaldaf@gmail.com, најдоцна до 5 април 2023 година – крајниот рок за селекција на претставите.

  • Од понудената и проследена драмска продукција во тековната година, изборникот/селекторот ги сочинува и ги предлага репертоарот и програмата на ДАФ – Кочани 2023 до Управниот одбор. Фестивалот на драмскиот аматеризам на Македонија е закажан за периодот 22 – 27 мај 2023 година во Кочани.
  • За извршениот избор на претстави секој драмски ансамбл поединечно се известува за изборот, денот и времето на настап, најмалку две седмици пред почетокот на Фестивалот;
  • Правото на програмската шема/репертоарот и редоследот на настапи на ансамблите на Фестивалот го задржува ДАФ – Кочани. Само од објективни причини и дејствија кои се во полза на повисоки вредности на драмскиот аматеризам се можни и измени или отстапки. Конечниот збор го имаат изборникот и Фестивалската управа;
  • Организаторот е должен на драмските ансамбли-учесници на ДАФ на Македонија да им овозможи една проба на сцената на којашто ќе го изведуваат драмскиот проект;
  • Настапот на драмските аматери го оценува тричлена оценувачка жири-комисија именувана од страна на Управниот одбор. Комисијата ги оценува драмските, уметничките и етичките вредности на актерите и аматерските драмски проекти во целина;
  • На ДАФ – Кочани се доделуваат вкупно осум награди: најдобра женска епизодна улога; најдобра машка епизодна улога; најдобра женска главна улога; најдобра машка главна улога „Никола Димитров”; најдобра режија „Борис Стојчев; награда за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар; ГРАН ПРИ „Васил Ќортошев“ и Специјална награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци.
  • По одржувањето на секоја претстава се организираат разговори во присуство на актерите од ансамблот, изборникот/селекторот, оценувачката комисија, новинари, гости и заинтересирани граѓани. Разговорите ги организира и ги води водител на разговорите именуван од страна на Фестивалската управа;
  • Престојот на учесниците на Фестивалот го обезбедува Фестивалската управа, Градоначалникот на Кочани и Градот-домаќин. Домашните ансамбли престојуваат еден ден, а странските два дена, сметано од денот на пристигнувањето. Патните и дневните трошоци на ансамблите и актерите ги обезбедуваат и ги сносат учесниците на Фестивалот;
  • Во рамките на севкупната фестивалска програма се организираат придружни манифестации од областа на ликовната, музичката, книжевната и филмската уметност, театарски и книжевен портрет и театарска работилница за аматерски режисери и актери, драмски текстописци и сл.;
  • На покана на Фестивалската управа, со претходен договор со изборникот, а во чест на учесниците, на завршницата на Фестивалот се поканува угледна театарска куќа од нашата држава или од странство.

18 март 2023 год.
К о ч а н и

ДАФ на Македонија – Кочани
Претседател, Кристина Арсова Атанасова

Сподели: