Објавен распоредот за тестирање на кандидатите за реонски попишувачи и инструктори за претстојниот попис

Комисијата за Пописниот реон 13 ги известува кандидатите кои се пријавиле на јавниот конкурс за ангажирање на реонски попишувачи и реонски инструктори за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, дека тестирањето на кандидатите ќе се спроведе во училници на СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани, на 11 и 12 март 2021 година.

Пријавените кандидати за Пописниот реон 13  ќе се тестираат во 13 групи, по 12 лица во група.  Првата група ќе започне со тестирањето во 8:30 ч., а последната во 12:30 ч.

Тестирањето ќе се спроведува според протокол за примена на превентивни мерки со задолжително носење заштитна маска (КН95) за цело време на тестирањето; одржување растојание од 1,5 до 2 м; задолжително дезинфицирање на рацете при влез и излез и задолжително мерење на температура. На лице со измерена температура од 37,2 степени Целзиусови нема да му се дозволува влез во училницата.

Кандидатите што ги немат испратено потребните документи во хартиена форма по пошта до Државниот завод за статистика, можат да ги достават на денот на закажаното тестирање во затворен плик во просториите каде што ќе се врши тестирањето и да ги предадат на присутниот државниот инструктор или  на членот на Комисијата за Пописен реон 13.

Кандидатите треба да дојдат на денот на тестирање 15 минути порано од предвиденото време за почеток на тестирањето, заради преземање на мерките за здравствена заштита.

Целосниот распоред на тестирањето по групи е објавен на веб-страницата на Општина Кочани.

Сподели: