Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани до Основно јавно обвинителство Кочани поднесе кривична пријава против Љ.П.(63) од Кочани, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 1 од Кривичниот законик. Тој во својство на службено лице – градоначалник на Општина Кочани, со искористување на својата службена положба, ги пречекорил границите на своето службено овластување, така што на 06.12.2021 година за првпат го именувал С.З. за вршител на должноста директор на СОУ „Гошо Викентиев“ Кочани и продолжил да го именува по трети и четврти пат, иако бил должен да знае дека лицето кое го именувал не го положил испитот за директор во законски утврдениот рок од една година и не ги исполнува условите за вршење на должноста.
Со наведеното дејствие, пријавениот постапил спротивно на член 93-в од Законот за средно образование и му овозможил на лицето да се стекне со противправна имотна корист во вкупен паричен износ од околу 63.552 денари, соопштија од МВР.
Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов во писмен допис до медиумите информираше во врска со наводите во кривичната пријава:
Во врска со поднесената кривична пријава, сакам да ја известам јавноста за следниве факти:
1. На ден 19.11.2021 добив писмена отставка од тогашниот директор на СОУ „Гошо Викентиев“ со бр. 08-2765/1. Во врска со истата донесов одлука бр.08-2765/2 од 03.12.2021 година за разрешување од функција на дотогашниот директор.
2. На ден 03.12.2021 година донесов одлука бр. 08-2765/3 за распишување на интерен оглас за вршител на должноста директор на СОУ „Гошо Викентиев“. Во врска со оваа одлука беше објавен интерен оглас со бр.08-2765/4 со пропишаните услови за вршење на должноста директор на СОУ „Гошо Викентиев“.
3. По објавениот интерен оглас до градоначалникот беше поднесена една пријава од редот на вработените во училиштето. Согласно поднесената пријава донесов одлука бр.08-2765/8 за назначување на в.д директор на Спирко Златков.
Ова е целата вистина во врска со назначувањето на директор и со обидите да се прави притисок врз работата на градоначалникот.
За крај сакам да прашам, дали ова е обид да се релативизира и сокрие пријавата од в.д директорот уште пред шест месеци во врска со откриени малверзации од страна на вработени лица во училиштето, блиски роднини на поранешен началник и сегашен инспектор во полицијата, за што сѐ уште ништо не е превземено од страна на МВР, соопшти Папазов.