Одбележана 77-годишнината од смртта на кочанските антифашисти Љупчо Сантов и Раде Кратовче

По повод 77-годишнината од смртта на борците од НОВ од Кочанско, Љупчо Сантов и Раде Кратовче, делегации од Општина Кочани,  Општинската организација при Сојузот на борците од НОВ, претставници на двете кочански училишта што ги носат имињата на Сантов и Кратовче и од ОК на ВМРО -ДПМНЕ Кочани положија свежо цвеќе и им оддадоа почит на бистите во Паркот на Револуцијата.

Поради состојбата со пандемијата, редовните активности за одбележување на патроните празници на СОУ „Љупчо Сантов“ и ОУ „Раде Кратовче“ беа сведени на симболично оддавање почит кон патроните.

Љупчо Сантов и Раде Кратовче припаѓаат на активните млади антифашисти уште од почетокот на НОВ. Како младинец од Кочани, Љупчо Сантов учествувал во формирањето на Читалиштето „Искра“, кое станало средиште на прогресивната младина и на симпатизерите на народноослободителното движење.  

Раде Кратовче во април 1941 година учествувал во протестите против доаѓањето на окупаторот, а во ноември 1942 година бил затворен поради револуционерна дејност. По излегувањето од затвор, илегално работел на теренот во Осоговието, во селата Вранинци, Речани, Пресека и Главовица.

Љупчо Сантов и Раде Кратовче биле убиени на 23 март 1944 година во селото Главовица, на падините на Осоговските Планини, од страна на Бугарскиот фашистички окупатор.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: