Одбележани 100 години од раѓањето на Блаже Конески

Денеска во просториите на ЈОУБ „Искра“ – Кочани, со почеток во 12:00 часот, беше одржана манифестација по повод 100 години од раѓањето на великанот Блаже Конески.

Беа прогласени и наградени ученици од литературниот конкурс на тема „Твориме во чест на ликот и делото на Блаже Конески“, а беше отворена и изложбата на тема „Творештвото на Конески – есенцијално културно наследство во македонската наука и култура“ – дел од книжниот фонд на библиотека „Искра“ – Кочани.

-Генералното Собрание на Обединетите нации ја прогласува 2021 година за година на мирот и довербата, а Министерството за култура и Министерството за образование и наука ја креираат националната програма 2021, година на Блаже Конески. Библиотеката се вклучува во чествувањето на овој голем ден со програмска содржина. На наша посебна чест и задоволство е денешното присуство на доц. д-р Ана Витанова Рингачева, која што со своето работење има дадено голем придонес во македонистиката во нашата држава, – истакна Магдалена Кочовска-Салтирова – координатор на програмата, виш библиотекар.

Научен осврт кон творешството на Конески даде доц. д-р Ана Витанова Рингачева, професор на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

-2021 година е во чест на Блаже Конески, година во која најгласно говориме за великанот на македонската книжевна научна мисла. Сметам дека ова е единствениот начин на младите генерации да им преточиме кој бил Блаже Конески, која е неговата улога во издигнувањето  на македонската книжевно-научна мисла, кое е неговото место во кодификацијата во македонскиот литературен јазик и колку тој се вложил за ние денеска да го имаме неговото дело за најголем аргумент и одбрана кога неправедно сме нападнати, најчесто од страна. Заради тоа што македонскиот јазик е аксиома, тој е нешто што постои, што го носиме природно. Блаже Конески беше тука за да ни ја подари таа нормирана форма на јазикот за да ја претставиме македонската литература – истакна доц. д-р Ана Витанова Рингачева.

На манифестацијата беше презентиран и видео запис со поезија на Блаже Конески, материјал подготвен од страна на Министерството за култура на РСМ.

Сподели: