Скромно и достоинствено, со положување свежо цвеќе пред спомен бистата на Крсте Петков Мисирков во дворот на училиштето во Оризари беше одбележано годинешново чествување на патрониот празник на основното училиште.
Делегација од вработени во ООУ „Крсте Петков Мисирков“, Советот и локалната самоуправа на Општина Кочани и ученици од училиштето утрово положија свежо цвеќе и оддадоа почит на патронот Мисирков во чест на денот на неговото раѓање.
-Поради рестриктивните мерки во врска со пандемијата со Ковид-19 и оваа година празникот на училиштето нема да се одбележува со свечена програма. Учениците заедно со своите наставници подготвија кратка програма која ќе биде снимена и емитувана на фејсбук страницата на нашето училиште. Во рамки на чествувањето ќе бидат објавени најдобрите литературни и ликовни творби кои ќе бидат избрани на интерниот литературен и ликовен конкурс, истакнаа од ООУ „Крсте Петков Мисирков“.
По повод одбележувањето на патрониот празник ученици од „Крсте П. Мисирков“ подготвија ритмичка точка за присутните гости, а свое обраќање на мини свеченоста имаше и директроката на основното училиште Соња Иванова.