Одбележан Светскиот ден на крводарителството, Звонко Илиев доби признание за 100 пати дарувана крв

На мини свеченост во малата сала на Мултикултурниот центар во Кочани Општинската организација на Црвен крст – Кочани го одбележа 14 Јуни, Светскиот ден на крводарителството.

 На свеченоста беа доделени признанија и крводарителски значки на повеќекратни крводарители од Кочани и Кочанско, меѓу кои се најде името на Звонко Илиев, крводарител со сто пати дарувана крв.

По повод 100-тото дарување, Општинската организација на Црвен крст – Кочани му врачи благодарница, крводарителска значка и традиционален подарок телевизор.

– Моите почетоци на крводарување започнуваат уште со вработувањето како возач во Итната медицинска помош. Професијата која ја работев и потребата од крв која е неопходна во итни ситуации ме натера да дарувам крв. Даруам крв од 1985 година и иако сум пензионер, доколку ми дозволува здравјето ќе продолжам да дарувам и понатаму. Порачувам на сите млади да даруваат крв и со тоа да спасат нечиј живот – рече Звонко Илиев, крводарител со сто пати дарувана крв.

Низ годините признанија за 100 пати дарувана крв беа доделени на Коце Коцев, Драгољуб Арсов, Ацо Ангелов, Димитар Велков и Петар Делчев.

На свеченоста беа доделени признанија и крводарителски значки и на крводарители за дарувана крв за 5, 10, 25 и 50 пати.

Признанија за 50  пати дарувана крв беа врачени на Тони Каров, Методи Глигоров, Бранко Мицов, Венцо Стаменков.

– 14 Јуни е Светски ден на крводарителството, прогласен од страна на Светската здравствена организација. По тој повод денеска Црвен крст Кочани организираше настан за свечено доделување на благодарници и признанија на повеќекратни крводарители. Приликата сакам да ја искористам да упатам голема благодарност до сите крводарители кои ги посетуваат нашите акции и даруваат крв и спасуваат човечки животи. Крвта не спојува сите нас и сите треба да бидеме хумани, истакна Анета Коцева, секретар на Црвен крст – Кочани.

Светскиот ден на крводарителството е ден кој се одбележува со цел да се искаже благодарност на крводарителите како важен фактор во обезбедување на доволно количество крвни резерви како и промоција на крводарителството и негово афирмирање.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: