Во рамките на одбележување на 70-годишниот јубилеј од премиерата на првиот македонски игран филм – „Фросина“, денеска во Кочани се одржа изложба на фотографии проследена со стручно излагање и дискусија за значењето на филмот во историјата на македонската кинематографија.
Пред публиката во Кочани, стручно излагање имаше Сунчица Веселиновска, виш кинематограф од Кинотека на Македонија која даде свој осврт за значењето на првиот македонски игран филм и неговата вредност за македонската кинематографија.

– Филмот „Фросина“ премиерно е прикажан на 28 јуни 1952 година. Кинотека на Македонија грижливо ги дигитализира овие филмови за да бидат достапни до публиката. Воедно, отворена е и изложба на фотографии од филмот „Фросина“. На нив се прикажани кадри од филмот кои се впечатливи и го отсликуваат ликот на Фросина, Климе и сите други – истакна Веселиновска.

ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани како организатор на настанот се вклучи во одбележувањето на 70 – годишниот јубилеј на чиј настан беше изложен и дел од стручниот библиотечен материјал во издание на Кинотека на Македонија.
-Како библиотека се приклучуваме кон валоризација и поддршка и значењето на културно – историското, општественото , научното и секој вид на наследство на Македонија. Настанот го реализираме во соработка со Кинотека на Република Северна Македонија и е дел од годишната програма за работа на кочанската библиотека – истакна Кристина Атанасова, библиотекар во „Искра“.

Премиерата на „Фросина“ во режија на Војислав Нановиќ, а во продукција на тогашниот државен филмски продуцент „Вардар филм“, била одржана на 28 јуни 1952 година во скопското кино „Култура“. Снимен е во црно-бела техника на 35 мм лента, со времетраење од 79 минути. Сценариото за филмот го напишал писателот Владо Малески.
И. Матеничарски

