Одбележан 14 Јуни, Светскиот ден на крводарителството – крводарителот Евгенчо Милчевски доби признание за 100 пати дарувана крв

По повод 14 Јуни, Светски ден на крводарителството, Општинската организација на Црвен крст Кочани, на мини свеченост во Мултикултурниот центар во Кочани додели признанија и крводарителски значки на повеќекратни крводарители од Кочани и Кочанско.

На свеченоста беа доделени признанија на крводарители за 5, 10, 25, 50 и 100 пати дарувана крв.

Признанието за 100 пати дарувана крв беше врачено на Евгенчо Милчевски, а во негово отсуство признанието го прими неговата сопруга Жаклина.

Евгенчо е долгогодишен крводарител на кој Црвен крст – Кочани по повод 100 пати дарувана крв му додели традиционален подарок телевизор.

Низ годините признанија за 100 пати дарувана крв беа доделени на Коце Коцев, Драгољуб Арсов, Ацо Ангелов, Димитар Велков, Петар Делчев и Звонко Илиев.

Признанија за 50 пати дарувана крв беа врачени на Сашко Милев и Зоранчо Атанасов.

Признанија за организација и постигнати резултати во крводарителството, покажана хуманост и солидарност беа доделени на Службата за трансфузиона медицина – Кочани, Руен Инокс Автомобиле, ОВР – Кочани, СОУ „Љупчо Сантов“, СОУ „Гошо Викентиев“, а за медиумска поддршка и промоција на крводарителството на ТВ Канал 8, ТВ Кочани, Радио Кочани, и порталите Комарец, Сито и Гласно.

Светскиот ден на крводарителството е ден кој се одбележува со цел да се искаже благодарност на крводарителите како важен фактор во обезбедување на доволно количество резерви на крв како и промоција на крводарителството и негово афирмирање.

Сподели: